Заев: Сакаме нашата земја да биде лидер во регионот во поглед на користење чиста обновлива енергија


Заштитата на животната средина во минатото беше запоставена, а сега претставува еден од приоритетите на оваа влада која во енергетската стратегија зацрта постепено преминување кон обновливите извори на енергија со цел нашата земја да биде лидер во регионот во поглед на користење чиста обновлива енергија, истакна премиерот Зоран Заев на денешната промоција на шест нови еко-автобуси во РЕК Битола.

Премиерот потсети дека Владата на Република Северна Македонија се обврза пред своите граѓани да вложува во енергетика и енергетска ефикасност и донесената одлука се реализира.

– Постепено преминуваме кон извори на чиста енергија со примена на еколошки извори на енергија како што се водата, сонцето и ветерот. Наша обврска е да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок и здрава животна средина. Шестте нови еко-автобуси се само еден чекор во таа насока. Овие автобуси кои ќе служат за превоз на работниците во РЕК Битола се на еколошки погон со што постепено го менуваме возниот парк во РЕК Битола во кој со години воопшто не се вложуваше. Со набавките на на новите еколошки автобуси се зголемува безбедноста и квалитетот на превозот на работниците. Набавката на новите еко-автобуси е исполнување на уште едно ветување на владата за подобрување на условите за работа во комбинатот, за намалување на трошоците и заштита на животната средина, изјави Заев.

На прес конференцијата во РЕК Битола претседателот на македонската влада потсети на инвестициите во енергетиката, а од првите луѓе на АД ЕСМ Васко Ковачевски и на РЕК Битола Златко Ќурчиевски беше информиран за програмите и плановите во таа енергетска компанија.

– Видов дека во РЕК Битола е подготвен делот за развој на новиот топловоден систем за греење на Битола со приклучок на 33 важни институции. Со сите зафати покажавме дека нашите заложби за чиста животна средина и намалување на емисијата на гасови не се само празни ветувања, туку дека се спроведуваат во пракса, потврди премиерот Заев.

Набавените шест еко автобуси се инвестиција на АД ЕСМ вредна 1,4 милиони евра, истакна генералниот директор на таа компанија Васко Ковачевски.

– Досегашните автобуси беа стари, претходните беа набавени како половни и нефункционални, многу загадуваа и затоа чести беа реакциите. Наша определба е сите нови инвестиции да се во насока на трендовите кои значат да се живее и работи во знакот на зелената боја. Во наредниот период во Битола планираме изградба на фотонапонски електрани, а потоа постепено префрлување, односно затворање на блоковите на јаглен и изградба на гасни централи. Тоа во иднина ќе значи чиста енергија за почиста Битола, истакна Ковачевски.

На промотивниот настан беше соопштено дека новите автобуси освен работниците на РЕК Битола во слободни термини ќе може да ги користат и да ги превезуваат учениците, студенти, пензионери, спортисти…од општините Битола, Могила и Новаци.