Заев: Развиваме огромни енергетски проекти со соседна Грција, тоа се важни геостратешки приоритети


Целиот свет е посветен на темата инвестирање во обновливите извори, енергетската ефикасност, заштеда на енергијата, енергетиката и дигитализацијата генерално и ние сме посветени на овие приоритети, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Во денешното утринско интервју за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ посочи дека при неодамнешната посета на Грција во фокусот на средбите биле поддршката на странските инвеститори и проектите од областа на енергетика, инфраструктура и гасификацијата. Притоа ги спомена нашата инвестиција во терминал за течен гас во Александропули, гасната централа од 400 милиони евра и 370 милиони евра вредниот гасен терминал, како главни геостратегиски приоритети, посебно нагласувајќи ги и нафтените инвестиции и гасоводниот систем кој е важен за земјава како главна транзитна точка за гасот од Грција, Северна Македонија, Србија, Косово и оди кон Западна Европа, со што, како што нагласи, ќе се надмине монополот во областа на снабдување со гас.

-Сето ова влијае на намалување на цената на гасот, на стабилизирање на цената на електричната енергија, но и на потрошувачката, екологијата дома, заменувањето на фосилните горива. Огромни се проектите кои се развиваат со соседна Грција и тоа во сите области. Треба да знаат граѓаните дека веќе развиваме програми во кои создаваме Фонд за обновливи извори на енергија и следуваат сериозни предизвици за да го намалиме влијанието на климатските промени, посочи Заев.

Оцени дека земјава е понапред од повеќе европски земји во сферата на енергетската транзиција во постапките за затворањето на централите кои работат на јаглен.

Енергетиката беше и во фокусот на едно од обраќањата на премиерот Заев во рамки на Виенскиот Економски форум, што ссе одржа вчера

Премиерот Заев истакна дека двата проекти за техничка помош се гасната врска помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија како и спроведување на енергетска ефикасност на јавните институции. Останатите пет проекти се доставени за искористување на грантови како приоритетните од Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан.
 
„Станува збор за станица за третман на отпадни води во град Скопје од 71,3 милиони евра за проектирање и изградба на централна постројка за третман на отпадни води во две фази. Понатаму за изградба на дел од железничкиот коридор 8, Крива Паланка – Деве Баир, за изградба на 23,4 км од третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија и за електрификација за првата и втората делница.

Следно е воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив регионален систем за отпад за Полошкиот регион, со цел да се исполнат пропишаните стандарди и регулативите на ЕУ за депониите. Четвртиот Проект e за соларен фотоволтаик Битола 1 од 20MW, вклучувајќи набавка и инсталација на дополнителни 10MW наменети за Осломеј 2, а петтиот е за набавка и инсталација на фотоволтаик од 10MW за Осломеј 1 како продолжение на заложбите за премин на нашиот енергетски сектор кон обновливи извори на енергија“, рече Заев.
 
Во однос на поддршката на интересите на странските инвеститори премиерот Заев рече дека за една година во услови на пандемија, имаме 12 нови странски директни инвестиции, кои се во фаза на реализација, потпишување на договори или во фаза на преговори.

„Во моментов, има 34 капацитети, во сопственост на странски инвеститори од САД, Канада, Народна Република Кина, Германија, Италија, Турција и други земји кои работат во зоните и генерираа приближно 3,3 милијарди евра извоз во 2020 година, што е 47% од извозот на Северна Македонија. Досега овие компании инвестираа приближно 1 милијарда евра. Овој успех е резултат на новиот пристап на Владата за поддршка и промовирање на високо квалитетни инвестиции кои носат поголема додадена вредност во земјата, генерираат солиден профит, со што придонесуваат за буџетот на државата, создаваат стабилни и добро платени работни места и вклучуваат повеќе локални капацитети во синџирите на снабдување“, рече Заев и додаде дека новиот пристап вклучува едношалтерски сервис, внимателно следејќи ја меѓународната практика за бенефитите на инвеститорите и државата да бидат загарантирани.