Заев: Растот на цените кај нас е помал од генералниот раст на светско ниво


Растот на цените кај нас не е поголем, туку дури е и помал од генералниот раст на цените на светско ниво, изјави денес премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали треба да стравуваме од инфлација.

„Kорона кризата предизвика одредени проблеми, кои резултираа со зголемување на цените не само на прехранбени продукти, туку и на металните и другите производи“, рече Заев, додавајќи дека кај нас инфлацијата е 1,8 отсто, корегирана е во буџетот и дека не се очекува да надмине 2,2 отсто.

„Тоа е во рамките на нормалата, а државата е тука да интервенира“, рече премиерот посочувајќи на намалувањето на ДДВ-то на цената на струјата од 18 на 5 проценти, односно за 13 процентни поени.

„Тоа една од најважните услуги, електричната енергија влијае на сите други цени и се уште ја држиме стабилна, иако цената на берзите значително е згоплемена, сепак кај нас цената е останата иста. Интервенираме со други наши активности и мерки пред се преку стоковите резерви каде што е потребно со конечна цел да имаме стабилни нивоа на цените“, рече Заев.