Заев: Работиме со одговорност за државата, повикувам на совесно и одговорно однесување


Имаме, и тоа какви причини, денес посебно, во тридецениската независност, да се чувствуваме и достоинствено, и среќно, и мотивирано – убаво. Еве ја Република Северна Македонија пред позитивната одлука за датум за почеток на преговорите со ЕУ. Еве сме на заокружувањето на интеграциите, како 30-та земја членка на НАТО. Еве сме во процес на економски развој – растат плати, детски додатоци, социјална помош, растат странски инвестиции.

Ова го порача премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на традиционалниот пикник по повод Денот на независноста што партијата го организира во Комплексот Пеленица кај скопско Драчево.

Тој потенцира дека придонесот за напредокот на нашата држава е на сите граѓани, на сите влади, на сите партии од осамостојувањето на државата – нечии придонеси поголеми, нечии помали. –Но, истакна, едно нешто е факт. Овој напредок, на нашата земја, го поведе и предводи социјалдемократска партија – нашиот, твој, мој, заеднички, Социјалдемократски сојуз. Овој историски напредок, што го живее денешна Република Северна Македонија, поставен на аманетот на претците, што со гордост ќе го предадеме во аманет на идните генерации, е можен само со државотворна партија, каква што е Социјалдемократскиот сојуз.  

Оцени дека не фалба, туку реалност дека државата успева кога Владата ја води или е дел од неа, СДСМ.

-Затоа што, едно е да си голема партија, а друго е да си државотворна партија. Првото значи бројки. Второто значи и срце и одговорност. Тоа што државата успева кога СДСМ успева не е само поради бројноста на приврзаниците, туку поради срцето и одговорноста со кои работиме за нашата родна земја. Тоа е вистински патриотизам, на дело, потенцира Заев.

Посочи дека така било кога е носена одлуката за независноста на Македонија во 1991 година, дека со срце и одговорност е работено и кога е спасена државата од војна 2001-та година. Така било и кога почнавме да го градиме патот кон ЕУ, во 2005-тата година. -Така, рече, беше сите овие години кога стоевме на браникот на демократијата, посебно во 2011-тата година и во 2016-тата година кога беа загрозени државниот поредок и демократските права. И важниот пресвртен момент, со срце и одговорност кон нашата држава, СДСМ се отвори целосно кон граѓаните во 2017-та година, кога го препозна крикот за обединување за да го победиме режимот.

Заев посочи дека и денес се работи така и дека интересите на државата се пред се.

Промените во СДСМ се слух за потребите на граѓаните и државата. Со консензус ги носиме важните државни реформи, порача премиерот и лидер на СДСМ и потенцира дека се посветени кон државните интереси во значајниот период што претстои, очекува да бидат и сите државни институции и политички партии.

Убеден е дека имаме капацитет како држава, со двотретинско мнозинство да го донесеме и Законот за јавно обвинителство. -И, како што рече, сите случаи и евентуални случаи на криминал и корупција, како во развиените земји, мора да добијат ефикасна, праведна и правична разврска. Тоа го очекуваат граѓаните и со тоа ќе дадеме дополнителни аргументи на ЕУ, дека сме и ние цврсто определени кон правдата и изградбата правна држава.

Чекориме напред, порача Заев и истакна дека е јасно оти сме на прав пат.

-Имаме многу да сработиме и немаме простор да сме комотни. Барам фокус кон обврските за коишто како партија и како Влада, добивме мандат од граѓаните. Потребни ни се способностите на секој поединец, на секој од вас! СДСМ ѝ е потребна на Република Северна Македонија, зашто покажа историјата, покажа 8-ми септември, покажа три децениската независност на Македонија, Социјалдемократскиот сојуз е таа државотворна партија со која се безбедни и државата и граѓаните, истакна премиерот.

Повика, посебно во значајниот период пред нас, на совесно и одговорно, државотворно однесување од страна на секој граѓанин, на сите политички партии, организации, во името на добрата иднина на сите, во име на доброто на Република Северна Македонија и на сегашните и идните генерации.