Заев прво ги отпиша локалните раководства на СДСМ

Кадровските промени што ги најави премиерот Зоран Заев почнаа од сдсмовската база. Заев соопшти вчера дека ги разрешува претседателите на сите 78 општински организации на СДСМ, што значи и распуштање на сите раководства на општинските организации.

Одлуката била донесена на прексиноќешната координација на најтесниот партиски врв, по што, како што најави Заев, ќе следуваат промени и во сите ешалони на извршната власт, за што веќе е најавена нова средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, следната седмица.

Статутот на СДСМ му дава надлежност на партискиот лидер да ги именува и разрешува претседателите на општинските организации. Овој потег на Заев е до некаде очекуван со оглед на тоа што, и покрај победата на национално ниво на неодамнешните претседателски избори, позициите на владејачката партија во повеќе општини во државата се ослабени во однос на опозицијата и во споредба со последните локални избори во 2017 година, па и референдумот за името лани во септември. Тоа особено дојде до израз во главниот град, каде што СДСМ пред неполни две години оствари убедлива победа како никогаш досега.

– Во политичкиот дел, во мојата партија каде што јас сум директно надлежен, одлуката веќе ја донесов и ја соопштив на координација со колегите од раководството заради тоа што тоа е мое право. Конечната одлука е дека се разрешуваат сите претседатели на општински ограноци на СДСМ. Сакам да им се заблагодарам на сите за активноста, работата, служењето на граѓаните, како претставници на локално ниво на најголемата владејачка партија. Апелирам до сите претседатели на општински организации каде што се победи на изборите да бидат повторно кандидати. Нека се кандидираат на следниот конкурс кој ќе биде објавен уште идната седмица – изјави Заев.

Тој рече дека следниот месец ќе се случуваат промени во општествениот сектор, односно во јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции…

Соговорници од СДСМ сметаат дека по овој потег на Заев се можни смени и на повисоки функции во партијата, за кои одлуката не се носи на конгрес. Во тој контекст, не се исклучува можност и за смена на генералниот секретар Александар Кирацовски, па и на организацискиот Миле Зечевиќ, со оглед на толкувањата дека е нелогично да се бара одговорност од општинските организации, а не е и од главните оперативци во партијата, кои, од друга страна, се ослободени од обврски во извршната власт во земјава. Во игра е и опција за смена на некои од потпретседателите на партијата, па и за одредени промени во извршниот одбор.

Според нашите соговорници, кадровските промени почнуваат од „Бихаќска“ поради тоа што загубата на гласови во повеќе општини и слабиот одѕив на гласачкото тело на претседателските избори упатува и на тоа дека не се работело доволно на терен во втората година од преземањето на власта. Со оглед на тоа што голем дел од членовите на раководството на СДСМ се сега на функции во извршната власт и немаат многу време за партиските активности, како во опозиционерските денови, се очекувало тој вакуум да го пополнат носителите на оперативните партиски функции, односно претседателите и извршните одбори на разграноците и партиските секретари.

Што се однесува, пак, до највисоките органи на СДСМ, до почетокот на јули треба да се одржи постизборниот конгрес, на кој делегатите ќе одлучуваат за доверба на претседателот на партијата, заменик-претседателката Радмила Шекеринска и на централниот и надзорниот одбор, согласно изборните резултати. Очекувањата се дека партискиот врв ќе го преживее овој тест на доверба, со оглед на победата што, сепак, беше извојувана на централно ниво на изборите за шеф на државата. (А.М.М.)