Заев прв од политичарите ќе прими вакцина против Ковид-19


Фото: Б. Грданоски

Штом биде достапна вакцината во земјата, вакцината против коронавирус први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и другите на приоритетната листа. Потоа, ќе се вакцинираат политичарите.

Премиерот Зоран Заев, како што најавија од Владата, ќе даде личен пример во насока на давање поддршка во напорите за сузбивање на Ковид-19.

Граѓаните на Северна Македонија веќе на почетокот на идната година можат да се надеваат на вакцина против смртоносниот Ковид-19. Од Владата тврдат дека веќе се обезбедени 833.000 вакцини, што е доволно за речиси 400.000 граѓани, преку Ковакс-механизмот. Две недели по вакцинацијата, граѓаните ќе треба да примат уште една доза за ревакцинација. Веќе е изготвен и приоритетен план за вакцинација – на него се најдоа лекарите, медицинскиот персонал, хронично болните, повозрасните лица, но и политичарите.

Потоа се очекува нова тура вакцини, со која ќе може да биде опфатено и останатото население коешто ќе сака да се вакцинира. Надлежните институции добија упатства од Владата веднаш да започнат со подготовките за прием, транспорт и чување на вакцините за што ќе бидат задолжени полицијата, Агенцијата за лекови и  Царинската управа. Предложени се и измени на Законот за јавни набавки за да може директно да се набавуваат вакцини од производителите.