Заев прв го пријавил рекетот на Боки 13-ка


Бизнисмени на кои им бил баран рекет се пожалиле прво кај премиерот Зоран Заев и тој лично го пријавил ова во Јавното обвинителство.

„Се обратиле бизнисмени кои не се од Скопје до мене, дека биле уценувани, како и секој граѓанин, така и јас го пријавив ова“, рече Заев на денешната прес – конференција.

Тој не сакаше да прецизира дали токму бизнисменот Орце Камчев му се пожаил дека е мета на рекет. Од Обвинителство за гонење на организиран криминал за „Независен весник“, потврдуваат дека Заев пријавил кај нив.

„Премиерот усмено не извести мене и Јавниот обвинител на РСМ, притоа изразувајќи подготвеност да дојде и да поднесе кривична пријава на записник. Но ние му советувавме, сведокот да дојде во Обвинителство и да пријави“, вели раководителката на Обвинителството, Вилма Русковска.

Ниту таа не сакаше да каже дека се работи за овој случај, но вели дека прв пат премиерот пријавил во втората половина на месец април. Со оглед на тоа дека истрагата против неформалниот сопственик на 1 ТВ, Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13-ка е отпочната на 2 мај, најверојатно Камчев му се пожалил за рекетот прво на Заев.

За изнудување на рекет Јовановски е во притвор, а специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева се истражува дали е инволвирана или злоупотребена во случајот.

Камчев е еден од осомничените во случајот „Империја“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство. Јовановски е под сомнение дека изнудил 1,5 милион евра од Камчев и му ветувал дека поради неговата блискост со Јанева ќе издејствува да биде прекината истрагата против него во СЈО.