Заев предложил опозицијата да ја бира новата Катица, па се пишманил?


Еден куп информации стигнуваат од двата табори по синоќешната неуспешна лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Седумчасовните преговори завршија без компромис за законот за обвинителство. Власта брифира дека единствена цел на опозицијата била да се допрат предметите на СЈО. Според извори на „Илинденска“, нивната иднина е безбедна со прифаќањето на Јавното обвинителство да работи по нив.

Извори од опозицијата, пак, брифираат дека договор не бил можен поради тоа што владинито тим стравувал дека доколку го испушти од раце обвинителството, утре ќе биде под прогон кога ќе биде во опозиција, а и сега не им се ризикувало поради аферата „Рекет“.

„Во еден момент, Заев предложи во новото обвинителство да влезе целиот им на СЈО, секако освен Катица Јанева, а за возврат, опозицијата да го предложи шефот. Можеби и ќе имавме договор, но потоа се пишмани“, тврдат извори од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Антонио Милошоски, кој учествуваше во преговарачкиот тим, се огласи на „Фејсбук“.

Договор за нов Закон за обвинителство можеби и ќе се постигнеше доколку премиерот Заев не беше толку нервозен во врска со предметот ‘Рекет’, што не може да прифати ниедно системско решение за висока корупција во кое друг професионален обвинител би имал увид во овој мегаскандал, освен владиноподобната обвинителка Вилма Рускоска. Таквото однесување остава сомнеж дека хиерархијата на соучесници и организатори во ‘Рекет’ е многу повисоко во власта, од улогата која во овој криминал ја имала осомничената Катица Јанева“, тврди Милошоски. (Г.А.)