Заев предлага вонредната состојба да се продолжи за три дена со цел изборите да бидат на 8 јули


Претседателот на СДСМ Зоран Заев предложи денес вонредната состојба да се продолжи за три дена со цел изборите да се одржат во среда на 8 јули, но под услов доколку за тоа се постигне согласност меѓу сите политички партии, бидејќи е потребна промена на Изборниот законик, каде што во него пишува дека изборите се спроведуваат во недела.

Според Заев, во случај изборите да се одржат во среда, тогаш изборниот молк би почнал во недела на полноќ, што ќе остави простор во понеделник и во вторник да гласаат изнемоштените и бопните, но и лицата кои се во карантин и во самоизолација поради коронавирусот.

Во средата, пак, смета Заев, времето на гласањето може да се продолжи до 21 часот, со цел гласањето да биде во порелаксирана атмосфера. Тој смета дека постојат меѓународни здравствени протоколи кои може да се применат и за гласањето на заболените од корона, а за таа цел тој рече дека е можно да се организираат и здравствени избирачки одбори кои би биле составени од здравствени работници кои би им пристапувале на ваквите болни.

„Уште денес и утре е времето кога може да се постигне договор, јас сум подготвен на компромис, но да не биде на штета на граѓаните и на државата“, рече Заев на прес конференција во седиштето на СДСМ, посветена на Домашната платежна картичка. (М.Ј.)