Заев пред нова и потешка задача


ЃОРЃИ СПАСОВ

Пред помалку од две години, по крвавите настани во Собранието на 27 април, никој не можеше да биде сигурен во која насока ќе се движи Македонија. Но откако на 1 јуни таа година, речиси шест месеци по завршувањето на парламентарните избори, беше формирана владата на чело со премиерот Зоран Заев, настаните, особено на надворешно-политички план, почнаа да се одвиваат со филмска брзина.

Владата во мошне кус рок од формирањето успеа да го потпише Договорот за добрососедство со Бугарија. Успеа наспроти целиот скептицизам и неверувања да го надмине деценискиот спор со Грција за разликите околу името на нашата земја, и Атина од наш лут противник да ја претвори во наш пријател и стратешки партнер. Нашата земја конечно ја доби толку очекуваната покана за членство во НАТО и ги отвори перспективите на сега веќе Република Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ.

Со својот концепт за Македонија како едно општество за сите и првпат со заеднички кандидати на владината коалиција, СДСМ успеа да го промовира граѓанскиот наспроти етничкиот концепт на партии, да оствари голема победа на локалните избори во октомври таа година и да оствари победа за својот кандидат Стево Пендаровски на неодамнешните избори за претседател на државата.

Со завршувањето на претседателските избори во Македонија завршено е едно значајно поглавје од современата македонската политичка историја. А со изборот на Стево Пендаровски за претседател е отстранета последната опасност од можното блокирање на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.

Со сите тие потези владата на Заев и тој лично се стекнаа со углед во меѓународната заедница, станаа добрата вест од земјите на Западниот Балкан и надеж за придвижување на сите земји од Балканот кон ЕУ, за мир, долготрајна стабилност и економски просперитет. Заев се стекна не само со меѓународна поддршка за своите политики на надворешно-политички план, туку и со пофалби за тоа дека се работи за храбро лидерство, визионерство и за голем исчекор.

Во земјата истовремено се создадени и сосема нови услови за фер изборен натпревар меѓу власта и опозицијата. Видливо е зголемена транспарентноста во работењето на сите јавни институции. Нема корупција на медиумите од страна на власта и постои значително поголема слобода на медиумите отколку пред последните парламентарни избори. Опозицијата има можности преку сите медиуми и во директни дебати со лидери од власта (што беше незамисливо претходните 11 години) да ја изнесува и докажува својата критика. А граѓаните кои се ослободени од уцени, политички притисок и корупција при гласањето имаат значително поголеми можности за изразување на својата слободна политичка волја на избори. Создадени се многу поповолни услови од порано за демократска и мирна промена на власта во земјата.

И токму тоа им овозможи на граѓаните уште во првиот круг од претседателските избори да му испратат порака на премиерот и лидер на СДСМ да не мисли дека успесите на меѓународен план се доволни за зачувување на поддршката и на власта на некои следни парламентарни избори.

Граѓаните им соопштија на Заев и партиите од владината коалиција дека не се задоволни од тоа што на Груевски и на многу други им се дозволи да побегнат од правдата, не се задоволни од бавните судски процеси, блокадата на СЈО, неисполнетото ветување за враќање на украдените пари, бавното реагирање на појавите на непотизам или индиции за корупција, именувањето на разни советници без јасни критериуми, појавата на неказнивост за луѓе од власта и неисполнетите ветувања за попрофесионално однесување на јавната администрација, подобрување на јавните услуги и обезбедувањето достоинствен приход за граѓаните.

Заев уште по првиот круг од претседателските избори изјави дека „ја примил пораката од граѓаните“ и дека по завршувањето на претседателските избори ќе биде направена реконструкција на Владата, а ќе бидат разрешени од должноста функционери во власта на централно и локално ниво за кои има докази дека ја злоупотребиле или не ја вршеле власта како што треба.

Можеби таквото ветување на премиерот и доведе до зголемена излезеност во вториот круг од претседателските избори и до победата на кандидатот на владејачката коалиција, но дадениот збор и обврзува. Ако не се дејствува доволно брзо по даденото ветување, јавноста ќе добие време за многубројни шпекулации во врска со најавените кадровски промени, а неизвесноста кај секој од министрите и кај кадрите што ги именува и разрешува премиерот и владата може да доведе и до летаргија и нестабилност.

Премиерот Заев со својот тим сега е реално исправен пред многу потешка задача од решавањето на споровите со соседите. Македонија влегува во нова фаза од својот развој за која Владата (без нов мандат) има многу малку време за да ја демонстрира својата способност. Од социјалните мрежи веќе му порачуваат на премиерот дека: „Нема метла – нема мир“.

Заев и парламентарното мнозинство ќе мора пред сè да испорачаат правда, иако судската власт е целосно независна. Ќе мора да најдат решение прво за продолжување на мандатот на СЈО без прифаќање на уцените од опозицијата, а со помош на другите инструменти на власта да се изврши силен притисок за деблокирање и забрзување на судските процедури и процеси, преку разрешување на корумпирани судии и охрабрување на обвинителствата и на Антикорупциската комисија.

Премиерот мора да демонстрира способност не за еднократно туку за перманентно ослободување од должноста на некои од своите соработници за неефикасно извршување на нивните функции, а особено заради неетично однесување на тие функции, и под итно да ги заврши кадровски промени во низа институции (како МТВ) во кои останаа на менаџерските позиции кадрите од претходниот режим.

Ќе треба да понуди докази не само за поголемата економска ефикасност на оваа влада од претходната, туку и како лидер на социјалдемократска партија за намалување на длабокиот јаз меѓу најбогатите и најсиромашните и за поголема социјална правда.

Заев, со други зборови, ќе треба да докажува дека по неговиот мандат Северна Македонија не само што е ставена на картата на светот и не само што е поцврсто интегрирана со соседите и со светот, туку и дека граѓаните се побезбедни во неа и повеќе се почитуваат нивните граѓански права; има повеќе правда и правдата не е селективна; граѓаните имаат подобар стандард и добиваат подобри јавни услуги од државата и од локалната власт, дека поуспешно се справува со криминалот и со корупцијата и дека сме не е само едно општество на сите рамноправни граѓани туку и земја во која секоја граѓанин има можности да успее во својата професија и во својата област на дејствување.

Тоа не се мали обврски во услови кога нема двотретинско мнозинство во Собранието, кога опозицијата е ставена во заштита на криминалот на претходната власт и кога реално има многу кус период што останува до одржувањето на следните избори. Од особена важност за тимот на Заев ќе биде способноста за справување со лажните вести и со клеветите што доаѓаат од опозицијата на која ѝ е полна устата со барањето правда, додека токму правдата систематски ја попречува. Владата ќе мора да се сети на т.н. „парадокс на толеранцијата“. Ако во општеството ги толерирате оние што сакаат да ја укинат толеранцијата, тогаш сами сте виновни за тоа што еден ден ќе ја снема. По нивното евентуално враќање на власт, никој нема да ви каже браво, туку ќе речат дека сте биле наивни и неспособни.