Заев: Правиме сè за ресоцијализација на повратниците од странски војски


Премиерот Зоран Заев во денешното обраќање на настанот на кој се презентираше Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, истакна дека борбата против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и заштитата на националната безбедност и безбедноста на сите граѓани на нашата земја се во врвот на приоритетите на Владата.

-Република Северна Македонија, како член на Глобалната коалиција за борба против ИСИС и со потпишаните меѓународни договори, декларации и конвенции, како Заедничкиот Акциски план на ЕУ за борба против тероризам на земјите од Западен Балкан, работи во партнерство со нашите меѓународни пријатели на заштита на националната и регионална безбедност, како и на унапредување на човековите права и слободи на сите нејзини граѓани, вклучувајќи ги и лицата кои станаа следбеници на радикални идеологии, одлучија да ја напуштат државата и заминаа да се борат на страната на Исламската држава на боиштата во Сирија и Ирак, рече Заев.

Со формирањето на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам и усвојувањето на Националните стратегии за спречување на насилен екстремизам и за борба против тероризам, како што кажа, Северна Македонија отворено ја демонстрираше заложбата за применување на таканаречениот широк владин и општествен пристап во борбата со насилниот екстремизам и тероризмот, во справувањето овие безбедносни феномени, вклучително и со феноменот на странските борци.

-Владата феноменот на странски терористички борци – повратници го третира согласно меѓународните правни стандарди. Воспоставени практики и договори за законско, но во исто време и хумано постапување со оваа категорија на лица. Задоволни сме како нашите институции досега се справуваа со феноменот на странските борци бидејќи истите беа соодветно правно процесуирани низ кривично-правниот систем и се соочија со предвидените затворски казни согласно нашиот правен систем, рече премиерот во обраќањето.

Според Заев, она што ќе биде предизвик во идниот период е да се процени дали начинот на кој што институциите ќе постапуваат со лицата кои отслужија казна затвор и членовите на нивните семејства и начинот на нивно прифаќање и интеграција назад во нивните локални заедници, ќе ги даде потребните ефекти во процесот на де-ангажирањето на радикализираните поединци, без притоа да биде доведена во прашање безбедноста и сигурноста на пошироката средина.

-Затоа Владата минатата година ја формираше интер-ресорската Работна група за реинтеграција на странски терористички борци. Работната група доби мандат да изработи прецизен план за постапување на институциите при обезбедувањето на соодветен здравствен, образовен, психо-социјален, социо-економски, безбедносен и правен третман кон оваа категорија наши граѓани, водејќи притоа сметка да не бидат стигматизирани од пошироката заедница, рече тој.

Премиерот Заев им се заблагодари на нашите партнери и донатори од меѓународната заедница кои досега дадоа огромна поддршка на Владата и на Националниот комитет при имплементацијата на Националните стратегии за спречување на насилниот екстремизам и борбата со тероризмот. Исто така тој му оддаде признание на Националниот координатор и на членовите на интер-ресорска работна група, за изготвувањето на планот кој е високо оценет од страна на тим од меѓународни експерти и кој овозможува солидна основа за интер-агенциско постапување на секој индивидуален случај поединечно.

Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства е усвоен во јуни 2020 година. Со планот се ре-афирмираат заложбите за градење на безбедно општество за сите и е преземена обврска да инвестира во примената на таканаречениот мек пристап во справувањето со феноменот на странските терористички борци-повратници.

-Развивањето и примената на програми за реинтеграцијата, ресоцијализација и рехабилитација на странски терористички борци повратници, е предизвик и за далеку поразвиените западни општества, но се надевам дека нашиот модел за реинтеграција ќе ги даде посакуваните резултати кои после две или три години заеднички ќе ги поздравиме како позитивни, рече Заев.

Како што се наведува во соопштението од Владата, на обраќањето на премиерот присуствувале и амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп, заменик шефот на мисијата во Амбасадата на САД во нашата земја Џенифер Литлџон, на шефот на мисијата на ОБСЕ Клеменс Која, како и претставниците на Меѓународната организација за миграции (IOM), и на канцеларијата на Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.