Заев: Постигната основа за носење на Закон за јавно обвинителство


Вечерва е постигната доволно добра основа за да почне процедурата за носење Закон за јавно обвинителство, напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Тој очекува Владата вечерва да го усвои предлог-текстот на Законот за кој, како вели била постигната широка политичка согласност.

„После усвојувањето од страна на Владата, Законот треба да оди во Собранието, каде по скратена постапка, се надевам дека ќе добие поддршка од најмалку две третини од пратениците, напиша Заев.

Според него Законот ги овозможува неопходните услови за владеење на правото и за конечна и темелна изградба на правната држава.

Кон содржината на Предлог-законот беа вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се застапуваше и се избори Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, со што се изнајде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и со што се создаваат услови да се овозможи фер и еднаквост на страните во постапките, а со крајна цел да се овозможи правда“, вели Заев.

Тој додаде дека Законот гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази, како и дека во законот нема скриена амнестија.

Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение најави дека ќе го поддржи Законот за јавно обвинителство, наведувајќи дека со власта договориле неколку точки. Така, договорено е Јавниот обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да биде избран непосредно со гласање на сите обвинители, потоа обвинителите пред да преминат во ова обвинителство мора по завршување на академијата за обвинители да поминат три години во Основните обвинителства, како и дека Јавното обвинителство повеќе не може да заснова обвинение врз основа на незаконски прислушувани разговори.

„Обвинението за случаите Талир 1 и Талир 2 поднесени после законскиот рок се обвиненија во кои отпаѓаат незаконски прислушуваните материјали, и со тоа ја исправаме неправдата, односно даваме фер шанса сега без незаконски прислушуваните материјали да ја докажат невиноста и неаргументираноста за постоење на овие случаи. Предложивме уништување на незаконски прислушуваните материјали, на прецизен начин, јасно опишано во овој закон“, се вели во соопштението до медиумите.

Тие апелираат до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои ќе ги поддржат со цел „да се донесе законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и дополнително заедно да и помогнеме на нашата држава во евроатланските процеси.