Заев: Постигнат е напредок во Комисијата за историски прашања

Свесни сме дека разговорите со Република Бугарија треба да продолжат без разлика на исходот од претстојниот Совет на министри. Проблемите треба да се решаваат, а меѓу кои и овој, кој се појави пред кратко време, изјави премиерот Зоран Заев, додавајќи дека деновиве се прават напори да се изнајде решение.

Треба да се имплементираат Договорите со Грција и Бугарија. Во оваа насока, Бучковски треба да е мотиватор за реализација на договорите. Разговорите, пак со Бугарија ги води МНР, односно Бујар Османи, а вклучен е и вицепремиерот Никола Димитров. Тука е секако и мојот кабинет, но и амбасадарот во НАТО, Дане Талевски. Деновиве се прават напори за да се изнајде решение. Ние претходно го подготвивме народот дека е можно да не се усвои преговарачката рамка, а со тоа и да започнат преговорите. Но, нашата стратегија е дека треба да продолжиме да разговараме и ќе правиме максимални напори до последниот момент, изјави Заев.

Заев смета дека Бучковски како специјален претставник ќе работи на акциски план за подобрување на реализацијата на Договорот со Бугарија, со што би се помогнало во зајакнувањето на пријателството. Заев откри дека планот опфаќа и побрза изградба на Коридор 8, соработка во енергетиката, образованието, здравството…

Премиерот повтори дека грижата за националните интереси е секогаш добредојдена, но гарантира дека не се преговара за идентитетот и јазикот, бидејќи тоа е право на самоопределување. Тој оцени дека на денешната средба на Комисијата за историски прашања е постигнат напредок и дека во учебната година 2021/2022 ќе започне имплементација во учебниците на она што е договорено во Комисијата за историски прашања.

За ставот на опозицијата и односот на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Заев со став:

– За Мицкоски и душегрижниците можам само да кажам дека сето ова што го прават е само потреба за доаѓање на власт и ништо друго. Наводна борба за заштита на македонскиот јазик и идентитет, кој инаку го заштитивме со Преспанскиот договор. Тоа е лажен патриотизам, рече Заев, истакнувајќи дека освен ЕУ – друг пат нема.

 Инаку, новоименуваниот преставник за Бугарија, Бучковски веќе замина за Бугарија и самиот не можеше да процени колку ќе трае неговата посета.