Заев помеѓу стоицизмот кон Бугарија и мудроста кон ЕУ


НАНО РУЖИН

Потребна ни е и мудрост и политичка интелигенција за да го пребродиме бугарското „татковство“ и европската лежерност за да се качиме на бриселскиот воз

 

Деновиве еден искусен еврократ и добар познавач на Балканот по повод бугарското вето, резигнирано заклучи дека „доколку до крајот на следната година не се пронајде комрпомис помеѓу Софија и Скопје, ЕУ ризикува да ја загуби Северна Македонија“.  Дали таквото сценарио е изненадувачко? Колку и да се убедуваме дека членството во ЕУ нема алтернативи, не е потребен никаков нострадамовски талент за да се постави можната поразителна геополитичка аксиома.

Секоја држава во Европа и особено на Балканот има и алтернативни патишта. Македонскиот народ, вклучувајки ги и етничките заедници, оправдано се разочарани  што веќе 17 години, уште од самитот во Солун 2003 постојано го подгреваат европскиот сон, кој сѐ уште е утопија. Северна Македонија упорно се трудеше да ги исполнува лекциите од Брисел независно од блокадите на Атина, а сега и од страна на Софија. И по решавање на грчкото вето, дипломатските игри без граници продолжуваат. Во дипломатијата десет години се долг период за државите кои очекуваат членство во ЕУ. Тоа е уште потешко за политичката елита и за граѓаните, истакнува професорот Пјер Аснер. Секоја проевропската влада сигурно ќе ги загуби изборите, а политичките елити ќе побараат други опции, кои им даваат повеќе надеж и иднина, како што е случај со нивните соседи.

Да биде апсурдот поголем, некои држави-аспиранти кои беа многу полоши ученици, кои сѐ уште не ги задоволуваат Копенхашките стандарди, подобро поминуваат со ЕУ. Србија која флертува и со Русија и со Кина, а на глава го има и „непризнавањето на Косово“, стои многу подобро во ЕУ отколку добриот ученик Северна Македонија. Македонија ги потпиша Охридскиот,  Преспански договор и го смени Уставот во функција на европската иднина. Што треба да направи еден претседател на владата кој вложува толку многу енергија за да ги отпочне преговорите со Брисел?

Од страна на европските сојузници советуваат дека треба да се биде мудар, умерен, конструктивен, флексибилен и соработлив со Бугарија. Дали Заев и натаму треба да го носи костумот на стоицизмот и мудро да ги преболува божјите каприци и неправди што пристига од страна на нашите источни браќа, а богами и од Брисел? Разбирливо, тоа е многу тешка ролја. Доволно е да се прочитаат критиките на социјалните мрежи за „предавството“ на Заев или оние на опозицијата за „скандалозното интервју“ за Бгнес, за да се поими нелагодната позиција на Заев. Заев е должен да покаже монашки аксетизам кон сите критики и бласфеми од страна на бугарското ВМРО, домашното ВМРО-ДПМНЕ, но и неговите. Доколку настојува да остане принципиелен на досегашната политика не смее да прифаќа расправии, реваншизми, навреди или да отвара нови теми за конфронтација.  Дали е во состојба да биде и стоик, и космополит, и политички мудар, и агностик кон историјата, јазикот, нацијата и другите горливи теми. Во внатрешната политика покажа карактер, и што е најбитно докажа дека оној што е водач на народот треба пред сѐ да е човек, а не господ.

Поновата историја на Северна Македонија најверојатно ќе се дели на настаните пред и по 27 април 2017, исто како што Американците ја поимат поновата историја на настаните пред и по 11 септември 2001. На 27 април 2017, во просториите на Собранието, Зоран Заев беше животно загрозен, брутално нападнат и повреден од страна на најекстремните платеници од толпата на ВМРО-ДПМНЕ. Сликите на раскрвавениот мандатар на новата влада го обиколија светот. Во тој историски миг ВМРО-ДПМНЕ и македонската демократија  го преминаа рубиконот. Во очите на јавното мислење и меѓународната заедница стана јасно дека се сруши некогашниот мит за ВМРО-ДПМНЕ како демократска, современа козервативна партија. Партијата на Груевски и Мицкоски се чуваше од демократијата и се сомневаше во нејзината правичност, исто како библиската приказна за лудиот кој се сомневал во праведноста на господ, бидејки господ неправедно си го резервирал вечниот живот, а човекот го направил смртен. На тој начин господ ја нарушил праведноста кон човекот.

Во хусерловиот дух, феноменологијата на македонската демократија во XXI век, по 27 април, направи еден луциден скок и го надогради сознанието дека во Европа, во еден демократски повеќепартиски систем, не е можен преврат и преземање на власта по насилен и вонинституционален пат во држава која има европски амбиции. Кога власта застана на нозе, сите очекуваа дека Заев, според вообичаениот балкански стереотип ќе го извади својот струмички камшик и ќе удри по оние што се обидоа да го егзекутираат. Изгледа дека „вендетата“ во граматиката на Заев е непозната придавка. Меѓутоа, многу негови сопратијци и граѓани  се разочараа од мекоста на јужњакот, правадјќи го преку стерилноста на македонското судство. Напротив, тој направи чекор повеќе. Во есента 2018, добриот христијанин Заев (инаку социјалдемократите се секуларно настроени), стоички и многу мудро и смирено им порача од собраниската говорница на политичките противници: „Одличен момент е да си простиме и да се помириме. Испраќам порака за помирување и простување за 27 април и настаните што се случија“. Голем број од оние обесправени граѓани кои единасесет години беа жртви на авторитарниот режим и неправдите кои им ја наметна власта на ВМРО-ДПМНЕ, се разочараа во политичкиот волунатризам на Зоран Заев.

Космополитизмот се поима како универзално почитување на разликите и еднаков третман кон оние кои се поинакви. Во неодамнешното интервју, Заев отворено застана во одбрана и еднаков третман на сите граѓани независно од разликите по бројни основи. Меѓутоа, како што се очекуваше, најатрактивни беа пораките во однос на Бугарија и бугарското вето. Зборувајки за Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“ со Бугарија (1.08.2017) истакна: „Сакавме да станеме браќа ама тие се предомислија и решија да станат наш татко“. На тој начин братската љубов, се претвори во татковски патернилизам. Еден вид однос помеѓу зрелиот татко и вонбрачното адолесцентно палаво дете кое не знае ниту да пишува ниту да чита, а е вообразено. Што да се прави?

Во филозофската историја, стоицизмот силно придонел кон продлабочувањето на концепцијата за легитимна одбрана. Поведен од самоволното потчинување кон рационалниот поредок, мудриот стоик зазема пасивен гард наспроти сите агресии. Сепак, како што подучувал познатиот стоик Сенека, тоа не значи дека нема право на легитимна одбрана. Иако претходно избегнуваше да зборува за одговорност на Бугарија за време на Втората светска војна, Заев ги потсети Бугарите на фашизмот на режимот на цар Борис но не го обвини целиот бугарски народ, што е сосема логично. Се заложи за катарза, за морално прочистување и воздигање на душата над сите наши телесни и чулни страсти и нечистотии што тлееле, кон нашиот источен сосед.

На нашите социјални мрежи,бевме сведоци на огромни дози на „говор на омраза“, а според европскиот интелектуален бон-тон, домашните интелектулци потребно е да го критикуваат говорот на омраза на сопствениот народ и да не  подржуваат сличен „говор на омраза“ кон соседот. Тоа го практикувал и професорот Алфред Гросер, во измирувањето помеѓу Французите и Германците. Како избеган германски Евреин за време на нацистичка Германија, семејството на Гросер се засолнило во Франција. Неговиот пацифистички рецепт за повоеното феанцуско-германско измирување бил едноставен: наместо интелектуалците да ги критикуваат политичарите од спротивната држава за нивниот hate speech, сугерирал таа задача да им се препушти на тамошните интелектуалци. „Нека секој си ги согледува грешките на сопствените политичари и интелектуалци и аргументирано да ги критикува“.

Кај нас и во Бугарија, освен ретки исклучоци, голем број интелектуалци, навредени од однесувањето на политичарите од соседството, во името на повреденото достоинство и легитимната одбрана не го почитуваа геслото на толеранција и настојуваа да возвратат со иста мера. Тоа е сосема човечки кога трпите навреди, иако и во таа хејтерска и јавна битка се потребни граници, самоконтрола и многу мудрост. Мудриот секогаш е во состојба да направи добар избор на стратегии, средства и потези во разни ситуации. Македонската политичка и интелектуална елита е должна да покаже и мудрост и политичка интелигенција. Мудрата личност е онаа која знае што треба да направи во секоја ситуација. Политички интелигентната личност е во состојба да изнајде решенија и за апстракните проблеми за кои не се способни останатите. Затоа потребна ни е и мудрост и политичка интелигенција за да го пребродиме бугарското „татковство“ и европската лежерност за да се качиме на бриселскиот воз.

(Нано Ружин е универзитетски професор)