Заев почна со поединечни средби со партнерите од владата


Премиерот во оставка денеска треба да се сретне со Билал Касами од Беса, како и со Африм Гаши од Алтернатива заради окрупнување на парламентарното мнозинство

 

По заедничката средба со владините партнери во понеделникот премиерот Зоран Заев од денеска почнува и поединечни средби со коалициските лидери. Како што објави „Слободен печат“, повикувајќи се на владини извори, Заев треба да се сретне со претседателот на Беса, Билал Касами и со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Средбата со Гаши би требала да биде во правец на тоа да се обезбеди зголемување на парламентарното мнозинство, наспроти тврдењата на коалицискиот партнер на Алтернатива, Алијансата за Албанците, дека опозицијата собира доволно пратеници за да ја урне власта. Гаши демантираше дека се сретнал со Заев, но на кажа дека нема да се сретне.

Очигледно, оставката на Заев е веќе завршена работа, па сега се бара решение за мандатар кое ќе биде прифатлив за сите партнери, како и реконструкција и прераспределба на ресорите во Владата. Особено ако и Алтернатива влезе во неа. Но неизвесно е што ќе се случува во Алтернатива, која има четворица пратеници, но е поделена внатрепартиски. До ланските избори во јули таа беше дел од владата, но потоа замина во коалиција со Алијансата и двете заедно мораше да се соочат со горчлив изборен резултат. Оваа коалиција освои 26 илјади гласови помалку од изборите лани кога Алијансата одеше сама на гласањето.

Алсат јавува дека во последните денови во Алтернатива имало големо незадоволство предизвикано од лошите резултати на локалните избори. Според неофицијални информации, тоа произлегува од преполовувањето на гласовите на Алтернатива во однос на последните парламентарни избори, особено во општините околу Скопје, како и во Куманово и Липково. Раководството на Алтернатива денеска има состанок за да ги разгледа најновите случувања.

Интересно е што расплетот на овој јазол по оставката на Заев се одвива во исклучително тесни кругови, па во СДСМ малкумина знаат што се случува. Некои од брифинзите што се појавуваат во медиумите не ги одразуваат клучните аспекти од ситуацијата. Како и клучното прашање – дали некој од меѓународната заедница е вклучен во задржување на прореформското мнозинство во парламентот наспорти националистичката опозиција.

По денешното барање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за одржување брзи предвремени избори, затоа што ново мнозинство не било решение, СДСМ се јави со соопштение во кое нагласува дека сите негови планови паднале во вода. Од СДСМ ги претставуваат вкупните резултати од локалните избори од листите за советници, според кои партиите од владината коалиција освоиле 19 илјади повеќе гласови од опозицијата и имале 61 советници повеќе. „Христијан Мицкоски не може да направи парламентарно мнозинство бидејќи има опасни планови за државата“, велат од СДСМ. И нагласуваат: „СДСМ, коалицијата и демократското мнозинство граѓани нема на бранот на еуфоријата да му дадат на Мицкоски поголема власт од оваа која ја освои на локалните избори. Државата е многу поважна од разулавеноста на Мицкоски и неговата желба за власт.СДСМ и коалицијата нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го поништуваат Договорот од Преспа, да нѐ втурнат во нови кавги со Грција и другите соседи, да нѐ внесат во конфликт и внатрешна омраза и да поништат сѐ што постигнавме заедно во овие четири години“. (Н.В.)