Заев побара и експресно доби доверба на Владата


Зоран Заев за време на неочекуваното обраќање во Собранието

Премиерот го образложи овој чекор со постојаните изјави од опозицијата дека се формирало ново мнозинство и дека со тоа се пласирале лажни вести за да се создаде несигурност кај граѓаните

 

Во своевиден блиц-криг премиерот Зоран Заев денеска попладне неочекувано побара гласање доверба на Владата и околу 17 часот парламентарното мнозинство му ја изгласа со 62 гласа. На седницата при гласањето не присуствуваше целокупната опозиција, и од македонскиот и од албанскиот блок.

Очигледно тоа беше неочекуван потег кој ја изненади опозицијата, а тоа можеше да се види кога два часа претходно премиерот побара изненадувачки гласање за доверба на Владата. Со тоа Заев на одреден начин ги зби редовите во владејачката коалиција, особено по разногласијата во ДУИ и најавите на некои помали партии дека ќе дејствуваат независно во Собранието. Тоа беше и удар за опозицијата која не очекуваше ваков потег, постојано градејќи ја својата политика на празни тврдења дека наводно имало ситнење на мнозинството и дека е на пат да се формира нов блок со кој ќе се собори владата. 

Според деловникот, за ваквиот потег немаше расправа туку само обраќање на премиерот во кое тој ги образложи причините за овој потег. Во тоа обраќање Заев повтори дел од причините што претходно ги наведе зошто се одлучил на таков потег по неколкумесечните постојани прозивки од опозицијата за оставка на Владата и најавите дека се работело на формирање на ново парламентарно мнозинство.

„Денеска одлучив да излезам пред вас и да се повикам на член 93 став 1 од Уставот кој што вели Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието, како и да се повикам на член 217 став 2 од Деловникот на работа на Собранието кој што вели по предлог во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува претседателот на владата усно на седница на Собранието, собранието гласа за доверба на владата на истата седница без расправа. Го користам овој член од Уставот и членот од деловникот да побарам од вас пратениците во Собранието да гласате за доверба на Владата“, рече Заев.

Тој нагласи дека овој негов потег бил мотивиран од политичките најави на опозицијата дека имало ново мнозинство:

„Ред е да се соочиме и да расчистиме, да го видиме на дело тоа толку многу најавувано наводно мнозинство од опозицијата кое наводно ќе ја падне оваа влада. Ова е моментот кога ќе им покажеме на граѓаните колку има вистина во зборовите на опозицијата. Ова е моментот да видиме за што всушност станува збор: стабилна власт со стабилно парламентарно мнозинство или разнишана опозиција – мора да е едното од двете ако не и двете заедно“.

Заев нагласи дека покрај сите обиди за опструкции и блокади од лидерството на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните секој ден се изложени на „лажни вести и дезинформации за некакво ново непостоечко мнозинство, за некоја нова нестабилност и што ли уште не. Само поради внатрепартиски цели во ВМРО-ДПМНЕ упорно се пласираат лаги со цел да се да се создаде перцепција на несигурност кај граѓаните, на неизвесност за економијата. Сепак, како и секогаш, вистината е најсилното оружје против лагите, лажните вести и невистините. Парламентарното мнозинство, јас, владата и коалицијата нема да дозволиме неизвесност, несигурност, сопки, блокади и опструкции“, рече Заев.

Тој порача исто така дека гласањето ќе успее и покрај фактот дека СДСМ со ништо не ги уценува коалиционите партнери.  

“Да се види дека немаме ништо против помалите партии кои одлучија да дејствуваат самостојно во Собранието. Да се види дека ние мнозинството не го држиме со мениците издадени од Никола Груевски. Нашата меница е поддршката дадена од граѓаните на избори”, рече Заев. Ваквото барање доверба од претседател на Владата е преседан во македонската демократска историја.

Освен на мотивите Заев се задржа на крајот и на дел од успесите на Владата околу усвојувањето на економските пакети за помош за справување на кризата предизвикана од Ковид-19. Ги спомена и гасификацијата, штотуку усвоениот план за прогласување на Шар Планина за национален парк, членството во НАТО, спроведувањето на пописот, но не ги спомена воопшто проблемите со Бугарија и нејзиното вето за почеток на преговорите со ЕУ, ниту нејзиното мешање во нашите внатрешни работи.

Пратениците од ЛДП и Демократскиот сојуз, кои претходно најавија дека ќе дејствуваат како независни во Собранието надвор од коалицијата на СДСМ, гласаа за доверба на Владата потврдувајќи на тој начин дека остануваат во парламентарното мнозинство.На крајот гласањето доверба за Владата беше поздравено со аплауз. 

Според член 92 од Уставот, откако на Владата ѝ беше изгласана довербата, истото прашање не може да се постави во наредните 90 дена. 

Од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа затечени од ситуацијата, успеаја само да порачаат дека Заев бил толку уплашен што не дозволил расправа за гласањето доверба. 

„Немавте сила, храброст да го поставите по член 214 став 3 и да дозволите три дена расправа тука и да ги кажеме сите аномалии на оваа Влада, туку избегавте  од јавноста. Не сакате да излезе тоа што во Република Македонија нема вакцини, тоа што имаме најголема смртност, тоа што вчера министерот за борба со корупцијата во Република Македонија на медиумите им вика јас ве плаќам треба да кажувате јас што кажувам на „Топ тема“. Сакате да избегате од сите коруптивни скандали кои што ги има оваа Влада, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски. 

Во продолжение, пратениците гласаа за закони кои чекаа за усвојување. Сите 62 пратеници ги поддржаа овие закони.  (Н.В.)