Заев побара од министрите подобро да комуницираат со граѓаните и медиумите

На денешната втора седница на новата влада премиерто Зоран Заев им ги врачи мандатните писма на министрите и побара од нив да работат многу посветено и да бидат во постојана комуникација со граѓаните и медиумите.

„Ние имаме обврска да ги исполниме очекувањата на сите граѓани, а овие мандатни писма се еден доказ, нешто што постојано ќе нѐ потсетува на она на кое сме се обврзале. Гласот на секој граѓанин е глас за одбрана од корона вирусот и за успешно справување со здравствено-економската криза, глас за новата македонска економија, за нови и добро платени работни места, за правна и праведна држава, за чиста и здрава животна средина, за функционална инфраструктура, за ефикасно поврзување дома и со светот, за силна национална култура по угледот на европската и за образование, кое младите генерации ги подготвува за подобра сегашност и подобра иднина“, им рече Заев на министрите.

Потоа тој побара да ги слушаат повеќе граѓаните. „Драги колеги,како министри и министерки слушајте го гласот на граѓанинот како прецизна насока која доаѓа од највисоко ниво и од која нема отстапување. Mора да им служиме на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, партиска припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, раса, боја на кожа, потекло, припадност на маргинализирана група, јазик, социјално потекло, образование, религија, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус.

Ве задолжувам на редовна и отворена комуникација со сите граѓани и засегнати страни во општеството. Овие принципи важат и за вашиот однос кон медиумите, кои се нашиот канал за комуникација со граѓаните“, рече премиерот.

Тој уште нагласи дека „ќе ја унапредам структурата на мојот кабинет, со цел да бидам уште поотворен премиер и да обезбедам постојана двонасочна комуникација со сите граѓани и заедници на кои им е потребна помош од мене лично и моите служби“.