Заев: По 17 години направивме голем чекор кон европската иднина

Зоран Заев оцени дека опозицијата грешела секогаш во клучни моменти, а згреши и сега


Фото: Б. Грданоски

 

На овој важен ден сакам да им честитам на граѓаните на Република Северна Македонија. После 17 години конечно имаме голем исчекор – почнуваме преговори со ЕУ. Особено сакам да му честитам на македонскиот народ – влегуваме во ЕУ како Македонци, со заштитен македонски идентитет и многу важно, со нашиот македонски јазик, објави вечерва на Фејсбук, поранешниот премиер Зоран Заев.

„Благодарност испраќам до сите македонски пратеници, политичари и граѓани и во Северна Македонија и во Бугарија, кои се издигнаа над поделбите и го поддржаа ова решение за кое сум убеден дека овозможува обнова на пријателството и напредокот.

Благодарност до Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ, Османи, Ахмети и целата наша владина коалиција и особено до македонските пратеници кои гласаа за европската иднина. Благодарност и до ГЕРБ на Бојко Борисов како и до Мустафа Карадај, претседател на ДПС, либералната партија од која доаѓа и Илхан Ќучук, кои заедно со пратениците на ПП партијата на Петков и ДБ партијата на Христо Иванов ја видоа оваа можност за заеднички исчекор“, нагласи тој.

Тој ги охрабри граѓаните да продолжиме по овој пат. Има уште многу работа, но конечно се придвижуваме. „Ги разбирам оние граѓани кои се лути и загрижени од економските и безбедносните состојби – стабилноста, инфлацијата, растечките цени. Тие се фокусирани на обезбедување стабилност за себе и за своите семејства. Тие се разочарани од мачниот пат кон ЕУ и долгата серија неуспешни обиди да почнеме преговори, за што со право се лутат и на ЕУ, но и на политичарите од Република Бугарија поради неочекуваниот застој кој ни го приредија. Но треба да се знае дека не е работа на граѓаните да внимаваат на можни стапици во документите – тоа е работа на лидерите и политичарите“, напиша Заев.

Тој додаде дека Владата и pарламентот се должни да знаат сѐ и да носат исправни одлуки и за државата и за народот.

Заев оцени дека опозицијата „сето ова го користеа за да се догрaбат до власт, но за сметка на тоа не направија ни еден чекор да им помогнат на народот и државата. Затоа се и ќе бидат уште долго во опозиција. Затоа, спомнете си – за Охридскиот договор, некои велеа ќе сме се поалбанчеле, за територијалната организација ќе сме се федерализирале, за Преспа ќе сме го изгубиле идентитетот. Тоа го велеа оние кои немаат визија за иднината. Ние секогаш велевме – ова е патот кон иднината. Еве сега времето е најдобар судија – нека се сетат граѓаните кој беше во право. Така и сега – тие што грешеа на секоја раскрсница, грешат и сега“, напиша Заев на Фејсбук.