Заев: `Платата во плик` е за задржување на квалификувани работници, проблемот ќе го решиме до јули


Практиката дел од вработените да се исплаќаат во готово, според премиерот Зоран Заев е проблем кој планираат да го решат од јули годинава, иако потенцира тоа не е незаконски.

„Сите знаеме дека секој дава пари `плата во плик` и тоа не е незаконски дел, бидејќи бизнисмените најголемиот дел од тие пари ги обезбедуваат, си плаќаат персонален данок, данокот на добивка и тие се нивни пари, слободно да располагаат. И ги честат, буквално, работниците со тие пари. Суштината е што тука не се плаќаат придонесите за здравствено и пензиско осигурување. Тие ги заштедуваат тие пари. Тоа е една отворена можност во Законот којашто им е дадена знаејќи дека им треба да ги задржат квалификуваните работници, а може да поминат со помалку пари“, рече прењмиерот Заев по работниот појадок со бизнисмените, што се одржа во хотелот „Хилтон“.

Најави дека работат на решение за проблемот, кое би стартувало од 1 јули годинава, но имаат дилема околу начинот на решавање, па не сакаше да конкретизира што точно ќе се преземе. Сепак, вели дека решението ќе претставува олеснителна околност за работодаачите, на кои доколку ги даваат тие пари како бруто плата, сепак тоа да не ги чини ништо.

„Она коешто сакаме да го донесеме како одлука е како да го решиме овој проблем, за да стартува во неговото решавање од 1 јули, заедно со повратокот на ДДВ за физички лица, коешто ќе го стартуваме како мерка. Неколку варијанти и компоненти се. Не би сакал да ги објавам, затоа што ги правиме модалитетите, да не го објавам едниот правец, па после да тргнеме во вториот правец. Буквално се два правци на кои работиме, се прават пресметките“, вели Заев.

Додава дека целта на Владата е да бидат демотивирани деловните луѓе да ги вадат овие пари од своите сметки, туку да ги дадат како бруто платаа, при тоа, тоа да не ги чини ништо нив, односно ако може, и помалку да ги чини.

„Сакаме, ако може, при тоа и фондовите за пензиско и здравство да растат. Амбицијата е да растат и пензиите, а не само платите. Трендот мора да го следиме, а секако Здравствениот фонд секојпат кога расте, тоа значи поквалитетни здравствени услуги за пациентите за граѓаните“, рече Заев.

Најави дека до средината на јуни треба да утврдат како ќе настапат и ќе ги објават одлуките за да може од 1 јули да почне примената на мерката.(Б.Б.)