Заев: Пари има за ковид поддршка и во 2021 година, вакцината ќе го намали периодот за потреба од овие програми

Пари за ковид програми и поддршка во буџетот за наредната година има. Во буџетот се резервирани веќе во ковид програми, а има дополнителни средства и во одделни ресори. А мерките кои би биле потребни во петтиот пакет ќе зависат од работниците, синдикатите, коморите и сите други учесници.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање во Тетово, при што потенцира дека пари има обезбедено и дека се ќе зависи од доаѓањето на вакцината, која се очекува во јануари по побрзи патишта од оние од Ковакс системот најавени за март..

-Државата има веќе резервирано 50 милиони евра за ковид-програма за 2021. Дополнително 17 милиони се за плати. Во самите ресори имаме 30 милиони. Во Министерството за труд и социјална политика, за ранливи семејства, но и другите минситерства имаат вакви резервации. И се надеваме дека нема да бидат сите 12 месеци, е ќе бидат еден, два, три, зависи од вакцината. Ако јануари дојде вакцината, а очекуваме да дојде по побрзите патишта, оти од Ковакс системот велат март, ама имаме и побрзи патишта. Еве денеска еврокомесарот Вархеј објави јавно 70 милиони за Западен Балкан вакцини кои  ќе стартуваат многу брзо. Очекувам од потпретседателот на Владата Никола Димитров многу брзо да ја добиеме информацијата кога може да ги очекуваме токму тие вакцини за да почат. Сето тоа ќе го намали периодот за потреба од ковид програми , односно за поддршка. Така што ако е еден месец имаме пари, ако е два месеца имаме пари, ако е три месеци имаме пари и четири месеци имаме пари. Ако трае кризата, не дај боже да трае, ќе направиме ребаланс на буџетот и ќе обезбедиме пари. Кои мерки  ќе бидат во петиот пакет зависи од работниците, синдикатите, коморите и сите други учесници во овој процес ссо кои од почеток заедно ги дефинираме пакетите на економски мерки, изјави премиерот Заев.