Заев: Ова заробено ВМРО-ДПМНЕ треба да остане изолирано


Во говорот по објавувањето на предизборната коалиција меѓу СДСМ и Беса, Зоран Заев малку неочекувано зборуваше и за политичките ривали од ВМРО-ДПМНЕ. Образложувајќи зошто е направена оваа историска предизборна коалиција меѓу една македонска и една албанска партија Заев објасни: „Владеењето на правото, човековите слободи и права, економскиот прогрес, солидарноста и толеранцијата, се столбовите на кои почива модерната македонска држава. Оваа коалиција се потпира токму на тие вредности, но и на одредбите и потребата за доследно спроведување на Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија“.

За потоа да се сврти кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Со сите што цврсто стојат на овие принципи има простор за разговор. Се разбира, тоа не е и не може да биде ВМРО-ДПМНЕ, додека на чело на партија се Христијан Мицкоски и Никола Груевски.

Убеден сум дека за иднината на нашата заедничка татковина, ова заробено ВМРО-ДПМНЕ треба да остане политички изолирано како ретрограден политички субјект кој ги блокира и опструира сите најважни внатрешни и надворешни процеси на Северна Македонија. Само така ќе смогнат сили внатрешно да се реформираат и да почнат да се однесуваат како конструктивна демократска опозиција, бидејќи со сегашното однесување тие се опасност и за државата и за граѓаните. Ова го кажувам за да предизвикам реформи во ВМРО-ДПМНЕ веднаш по изборите.

Што се однесува до другите албански партии и коалиции, сакам да ја уверам јавноста дека како победничка коалиција нема да дозволиме да бидеме уценувани и нема да прифаќаме непринципиелни преговарања и договарања. Оние кои што ќе сакаат да се приклучат на победниците ќе треба да ги прифатат нашите принципи и вредности за евентуално учество во владината коалиција“, рече Зоран Заев.