По изборот за претседател Заев вети „пролетна офанзива“ на СДСМ


Како и што се очекуваше, Зоран Заев е избран по трет пат за претседател на првите внатрепартиски избори во СДСМ. Според партиската изборна комисија за Заев, кој беше единствен кандидат, гласале 60.840, 888 биле против, а имало и 249 неважечки ливчиња. На изборите излегле 90 отсто од 68.999 членови на партијата.

Кусо по објавувањето на резултатите Заев на прес-конференција им се заблагодари на членовите за искажаната доверба и најави „пролетна офанзива“ на партијата.

„Доаѓањето на пролетта го означува почетокот на нашата пролетна офанзива за нов пресврт на политичкото делување на СДСМ и Македонија. Следува реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ ќе внесеме нова енергија на нашите редови, ќе ги отвориме вратите за сите оние кои се блиски до социјалдемократските идеи, ќе ја продлабочиме започнатата борба, против високата корупција и организираниот криминал и ќе ја креваме мотивацијата на нашите граѓаните“, порача Заев.

Според него, „вистинските партии имаат одговорност да ја унапредуваат демократијата во својата партија и во државата. За многу кус период доживеав за мене важни одлуки и укажани доверби. Прво довербата на граѓаните да бидам премиер, доверба од пратениците, а денеска доверба и од македонските социјалдемократи“.

Тој рече дека на конгресот во мај ќе се изберат новите органи и најави дека ќе има промени, но не кажа точно на кои позиции. „Многу е рано да се каже кој ќе биде во следното раководство на СДСМ кое ќе се избере на Конгресот. Кадровски промени ќе има во Централниот и Извршниот одбор. Ќе се бираат тројца потпретседатели и тројца секретари на партијата“, рече Заев.

Старо-новиот лидер на СДСМ рече и дека „никако не треба да дозволиме да се одложи пописот, затоа што прво се испраќа порака за несериозност кон граѓаните и порака за неодговорост кон граѓаните.  Апелирам сите да продолжат да се попишат, спроведувајќи ги сите безбедносни протоколи и оваа операција што е почната конечно да ја завршиме за државата“, изјави Заев.