Владата не попушта – останува на проценките за пад на БДП од 4,4 отсто


Владата ги следи сите параметри во делот на БДП, на задолжувањето, во делот на приходите на државата и севкупните движења и тенденции, и нашите проекции се дека очекиваме пад на економијата од 4,4 проценти, изјави денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи ги најновите прогнози на ММФ, кои предвидуваат намалување на бруто домашниот производ на земјата за оваа година од 5,4 отсто.

Заев нагласи дека првичните превидувања на Владата биле за пад на БДП до пет проценти, но сега се намалени на 4,4 отсто, заради тоа што се очекува антикризните мерки да го покријат тој пад од 0,6 процентни поени.

– Затоа пуштивме пари, затоа е четвртиот пакет на мерки и верувам дека ќе успееме во тоа. ММФ сега на квартално ги дава своите анализи и очекуваме да прават и нови проценки. Верувам дека ние имаме порелевантни податоци, ги следиме приходите на државата и производството. Верувам, според она што го следам, дека ќе бидеме една од државите со најмал негативен импакт, ако не и со најмал негативен импакт од корона кризата во регионот. Секогаш се бориме да се споредиме во успешноста во политиките и верувам дека ќе успееме, истакна Заев.

ММФ во својата октомвриската прогноза предвидува економијата на земјава во текот на оваа година ќе забележи пад од 5,4 отсто како резултат на последиците од пандемијата од Ковид-19, по што во текот на 2021 година ќе следи раст на БДП од 5,5 проценти. Со новото предвидување се ревидира прогнозата на ММФ од април годинава, кога Фондот предвидуваше пад на македонскиот БДП за 2020 од четири отсто. Според ММФ, тенденцијата на раст на економијата во земјава ќе продолжи и во следните години и во 2025 година ќе изнесува 3,5 проценти.