Заев: Од Србија ќе добиеме 8.000 вакцини


Премиерот Зоран Заев денеска пред медиумите откри дека Србија се согласила да помогне со 8.000 вакцини од „Фајзер“. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ се понудил да ги донира вакцините, но Заев рекол дека ќе ги платиме по набавна цена.

„Имам чест да соопштам една добра вест. Србија преку претседателот Вучиќ понудија помош, и ние ја прифативме. Тие се согласија да н` помогнат со тоа што ќе ни дадат 8.000 вакцини од Фајзер, а за другите вакцини имаат договори кои треба да проверат. Ќе информираме соодветно. Јас сум благодарен и сакам од името на целиот македонски народ да изразам благодарност до Србија. Ова е сериозен чин на пријателство“, рече Заев.

Тој истакна дека во последните неколку дена, државата бара поддршка и помош од други земји за вакцини, пред да пристигне првата количина од 5.850 следниот месец.

Пред Нова година вети дека и Бугарија ќе помогне со вакцини за Македонија.