Заев од Битола: СДСМ понуди оптимизам и иднина, ВМРО-ДПМНЕ ќор-сокак и режим


На 15 јули гласот за СДСМ и Коалицијата е глас за сигурност, а гласот за ВМРО-ДПМЕ е глас за враќање назад, опасност од нов режим, истакна Зоран Заев, попладнево на средба со младите социјалдемократи во Битола.

Заев побара поддршка за нов, чист мандат за, како што рече, да ги продолжиме добрите политики, за да одиме напред уште подобро, да не ја испуштиме шансата што заедно  ја создадовме за нашата татковина.

„Пред нас во среда се важни избори. Избори на кои секој од нас треба да каже во кој правец ќе се движи нашата држава. Понудените опции се видоа во двете целосно спротивставени кампањи. Ние понудивме оптимизам, јасен коцепт, надеж, шанса и иднина. Покажавме дека можеме тоа да го правиме уште подобро и посилно. Од друга страна имаше кампања со мрак, црнила, омраза, недоличен хумор врз грбот на сопствениот народ. Тоа е разликата. Во среда, на 15 јули да гласаме за да продолжиме кон развој, кон интеграција, кон економски раст и повеќе пари за сите и конечно кон правда. Тоа е вистинскиот пат, а се друго е ќор сокак и неизвесност. Гласајте за најсигурната опција“, порача Заев.

Радмила Шекеринска, носителка на кандидатската листа во ИЕ 5 потсети дека во изминатите 2,5 години владата што ја предводеше Зоран Заев и СДСМ е влада врз чии плеќи паднаа децениски наталожените проблеми.

„Нашата влада не беше без грешки, но беше одлучна да ја извади државата на прав пат и во тоа успеавме. Мораше одновно да се изградат сите демократски, но и сите дипломатски позиции, да престанеме да бидеме изолирана држава и да разговараме со сите како рамноправни. Од држава на која постојано и предвидуваа мрачна иднина денес ние сме дел од најмоќната Алијанса на планетава. Седиме на иста маса, еднакви со сите оние кои ја креирале и ја креираат светската политика. Ја вративме слободата и сега никој повеќе не е ниту наведнат, ниту замолчен“, истакна Шекеринска.

Коалицијата „Можеме“ изборната кампања за предвремените парламентарни избори ја завршува вечер со граѓанска трибина, која ќе се одржи во арехолошкиот локалитет Хераклеа.