Заев од Атина: Граѓаните знаат да наградат за тешки политички одлуки


Премиерот Зоран Заев објави утринава дека медиумите од Грција и од регионот покажале голем интерес за Северна Македонија и за постизборниот период.За време на неговиот престој во Атина дал интервјуа за електронското издание на Си-ен-ен, за Топ Ченел од Тирана, за „Та Неа“, за Мега ТВ од Атина, за грчката програма на Еуроњуз и за други медиуми, во кои истакнал дека граѓаните во Северна Македонија знаат да ги наградaт тешките политички одлуки кои решаваат големи проблеми.
„Решавањето на отворените прашања дополнително го поттикна интересот на бизнис заедниците за поголема и подинамична соработка. Како политичари должни сме да овозможиме развој на заедничките бизнис иницијативи и инвестиции. Уште еднаш се уверив дека постои огромен интерес на сериозни и големи компании од Грција да соработуваат и да иницираат инвестиции од интерес на граѓаните на двете земји“, напиша Заев.
На средбата со неговиот грчки колега Мицотакис, како што наведува во статусот, ќе разговара како да се поттикне поширока соработка меѓу двете земји.

На панелот посветен на иднината на Западен Балкан  премиерот порача дека најдобрата иднина за регионот  е да се продолжи со евроатлантските интеграции,бидејќи  ниту една друга опција не е алтернатива.

Паралелно, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе ја има својата прва официјална средба како предводник на надворешната политика на земјава. Тој ќе се сретне со министерот Никос Дендиас за да разговара за билатералната соработка и за претстојните заклучоци во рамките на телата на ЕУ, за усвојување на преговарачката рамка за Македонија и за одржување на првата меѓувладина конференција за време на gерманското претседателство, како формален старт на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Посебен фокус на средбата на двајцата министри ќе биде ангажманот и активностите на двете министерства кои претстојат во функција на интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог и вкупната соработка во различни области, согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на преземените обврски од Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји од Преспа.Меѓу другото, се очекува и посебен осврт да се даде и на работата на експертските комисии за унапредување на добрососедските односи, како и на разгледувањето на можноста за нивна поинтензивна комуникација и непречена работа во услови на пандемијата КОВИД-19.