Заев очекува зголемен интензитет на инвестирање


Премиерот Зоран Заев очекува да се зголеми интензитетот на инвестирање во земјава. Како што рече денеска, ресурсите кај нас се уште се пониски, како и даноците и тоа ќе остане така. Веќе не сме дестинација со евтина работна сила, платите растат.

Според Заев, активносите за привлекување нови вложувања ќе бидат засилени со четирите регионални промотори, но тие се само еден од чинителите. Покрај нив, односно економската дипломатија која ја претставуваат, многу е важно, истакна, и што правиме дома – мора да има политички дијалог, да вледее правото и да продолжи борбата со корупцијата.

-Финансиската стабилност на државата е голема, но се надевам дека ќе биде уште поголема со растот на инвестициите и извозот. Пркосот кон пандемијата и економската депресија е преку инвестирање со отворање нови потенцијали и можности преко промоторите и дипломатските капацитети, но и секако со тоа што сме членка на НАТО и ако бидеме успешни и во делот на правата меѓувладина конференција со ЕУ. Се тоа создава услови за повеќе услови дома. Новина е што се фокусираме дополнително и кон домашните компании, потенцира премиерот.

Според него, КОВИД ги сопре сите процеси на инвестирање, но плановите за излегување од ваквиот пад се исполнуваат.

-Очекуваме уште поголем интензитет на странски инвестиции. Расте минималната плата, растат и просечните плати. Тоа е нов квалитатив што покажува дека активните мерки даваат резултат. Треба да го признаеме недостигот на квалификувана работна сила што е една од причините за притисок за раст на платите, но тука се и мерките за супституција на придонесите за плати ако компанијата ги покачи платите, рече Заев и додаде дека мора да има вин-вин ситуација за сите, и за работниците, и за компаниите и за државата.

Извозот, додаде премиерот, е зголемен за 41 процент, март заврши со зголемени приходи во Буџетот за преку 20 отсто во однос на лани, ДДВ е за 65 проценти поголем во наплата на бруто износ, персоналниот данок на доход е зголемен за преку 20 отсто, данокот на добивка за 13 отсто во првите 20 дена од април.

Во однос на државната помош, Заев подвлече дека зависи како ќе се организира системот за ефикасна исплата.

-Не ги знам деталите, но ако има некој „свич“ веројанто е за прагматични потреби. Зијан е парите да останат во Буџетот. Колку побрзо се исплаќаат, толку подобро, заклучи премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Кемет Електроникс“.