Заев очекува позитивен исчекор за законот за јавно обвинителство


Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува за викендот да продолжат разговорите меѓу работните групи на Владата и на опозицијата за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО. Се надева дека ќе биде направен позитивен исчекор во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ, како и со другите парламентарни групи.

– Синоќа имавме средба со пратениците, разговаравме за суштината на законот. Разговорите продолжуваат. Верувам дека за викендот најдоцна ќе продолжи средбата помеѓу министерката за правда заедно со нејзиниот тим од Владата со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Верувам дека тука ќе имаме значителен исчекор за понатаму да ги исчекуваме и другите позитивни исчекори и со новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, односно осумте пратеници, па понатаму со Алијанса за Албанците, но и со Беса и со другите претставници во Парламентот, изјави Заев одговорајќи на новинарско прашање при денешната посета на Охрид.

Власта и опозицијата вчера одржаа средба за законот за јавно обвинителство во Министерството за правда, но не постигнаа договор.

Остануваат клучните разлики околу статусот на СЈО и употребата на аудио материјалите, но како што изјавија учесниците по вчерашната средба, постои расположение за продолжување на разговорите.

Заев и министерката за правда Рената Тренеска Дескоска вчера имаа средба и со двете албански опозициски партии – Алијансата за Албанците и БЕСА, кои дадоа поддршка за опстојување на СЈО како посебен орган во рамки на Јавното обвинителство.

Власта се надева дека ќе биде обезбедено потребното двотретинско мнозинство и законот ќе биде донесен пред изборите. Тој е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ во јуни.