Заев очекува од Бугарија да не се меша
Недозволиво е мешање на една туѓа земја во друга, рече премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање за наводите на бугарскиот претседател, Румен Радев кој побара бугарските служби да сторат сѐ што можат и да преземат мерки за да ги одбранат правата на Бугарите во земјава.
„Јас се надевам дека е информативен состанок на кој сакаат да соберат информации од граѓани коишто се со бугарска определба, ако некаде некои права не се признаени или се непочитувани. Недозволиво е мешање на туѓа земја во туѓа земја. Ние тоа сме го декларирале во Договорот за пријателство со Бугарија и не само тоа, во разговорите одиме и понатаму, немешање во малцинства, затоа што тоа се решава при Совет на Европа“, рече Заев.
Тој нагласи исто така дека не треба да се испраќаат никакви разузнувачки служби бидејќи Владата стои на располагање за да одговори на сите прашања. Одговарајќи на новинарско прашање рече дека на никого во земјава не му се нарушени правата ниту на граѓаните кои се декларираат како Бугари.
„Иако во Уставот немаме етничка припадност Бугари, на пописот секој може да се одредели бидејќи прашањето ќе гласи на која етничка заедница ѝ припаѓате. Ние сме мултиетничка заедница, ги почитуваме правата на сите заедници во земјава, дури и на оние најмалите. Испраќам силна порака до соседна Бугарија да бидеме внимателни, затоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор на секоја нивна загриженост. Да не потпаѓаме под било какви провокации. Ние сме земји членки на НАТО, не ни треба испраќање на разузнувачки служба да ги утврдат правата на граѓаните. Правата на граѓаните се светост. Јас се надевам дека тоа било информативен состанок оти недозволиво е мешање на една држава во друга држава, тоа е предвидено и со Договорот за добрососедство“, рече Заев.