Заев очекува Бугарија да продолжи да ни биде искрен пријател


Очекувам во идниот период Бугарија да продолжи да биде искрен пријател на Република Северна Македонија. Верувам дека и прашањето за Гоце Делчев ќе го решиме во духот на заедничката историја, каде што двата народа, и македонскиот, и бугарскиот, ќе останат горди народи. И тука да нема дилема, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Тој додаде дека актуелната влада покажала оти пријателски е настроена за разлика од претходната која, рече, немала капацитет освен за кавги и за проблеми со соседите.

„Ние најдовме решенија на отворените прашања кои нè направија пријатели со соседите, рече Заев на прашање како ја коментира вчерашната изјава на бугарскиот премиер Бојко Борисов кој по видеосамитот ЕУ – Западен Балкан рече: „Ние кажавме кои се нашите услови за Република Северна Македонија да биде примена во Европската Унија“ и „да не си поставуваат невозможни услови“.

Заев смета дека  наративот е „испровоциран“ од нашата опозиција и оти е создадена тензија која, како што рече, треба да ја надминеме со разумност, одговорност и пријателство и во духот на потпишаниот Договор за добрососедство.

„Очекувам, исто така, и бугарската страна да продолжи да негува пријателски односи кон нашата земја, народите ни се блиски и пријателски, владите се блиски, сите политички субјекти блиско соработуваат и верувам дека во иднина ќе продолжиме со соработката. Мене ми е јасно дека сме застанати на историските поглавја од кои четири затворивме – Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум. Тоа е објавено и во ред, во духот на заедничката историја од минатото. Верувам дека и прашањето за Гоце Делчев ќе го решиме во духот на заедничката историја, каде што двата народа, и македонскиот, и бугарскиот, ќе останат горди народи. И тука да нема дилема“, истакна лидерот на СДСМ, одговорајќи на прашања на прес-конфереренција.

Нагласувајќи дека со источниот сосед имаме пријателски односи и ги негуваме додаде и дека му е драго што нема дилема околу македонскиот јазиик и македонскиот народ.

„Тоа е наша реалност денеска, тоа е признато и потпишано и не почнува од мене. Во1999 година Љубчо Георгиевски потпиша договор на македонски јазик, согласно со Уставот. Новината е што потпишавме договори каде што е македонското кирилично писмо и стои потписот на Заев и Бојко Борисов. Тие не го негираат. Современ политички субјект и современа европска влада не може да негира идентитет. Идентитетот наш е во личната карта во Обединетите нации и признат од целиот свет“, рече Заев.

На прашањето дали имал разговор со Борисов по неговата вчерашна изјава, одговори дека не е до него во моментов да дискутира, разговара и да се јавува, туку на министрите за надворешни работи кои, рече, се во постојана комуникација и соработуваат. (МИА)