Заев: Носевме храбри одлуки, ова не е гола борба за власт


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва од митингот во Гевгелија  порача дека борбата за власт не смее да биде гола флоскула и репер по кој ќе се ценат политичарите.

-Носев одлуки кои можеле, а не ги донеле други политичари пред мене, кои научени на тапкање во место не изолираа од целиот свет. Бев прв меѓу еднаквите кога требаше храброст на дело да се бориме против режимот и да ја ослободиме татковината, а и народот од шепотењето, од стравот, од заканите, од уцените, од грабежот, од забеганите проекти каде што ги трошеа народните пари. Имав храброст кога требаше да ги решам проблемите и прашањата отворени дваесет, па и триесет години. Извојувавме одлични решенија кои не само што создадоа партнерство со соседните земји, туку и отворија перспективи за нас. Имав храброст и кога требаше да се носат  двотретиските закони, а имав само четириесетина пратеници. Или, кога требаше да донесеме одлука да ја поделиме социјалната пензија не знаејќи колку луѓе ќе аплицираат и колку тоа ќе го чини буџетот. Бев овде кога требаше да се најдат милијарди денари за да се зголемат платите на образовните работници, кога требаше да се извадат од домовите децата со посебни потреби… и да најдеме милијарда ипол за да им ги покачиме платите на медицинските работници. Докажавме дека во време кога се решија историските проблеми на земјата успеавме од минус раст  економијата да ја дигнеме на над 3 проценти. И, покажавме дека има пари за сите и им враќавме пари на граѓаните,преку радиодифузната такса и ефтината тарифа за струја. Со мој ДДВ враќаме над 10 милиони евра само во квартал, но ќе ги принудиме бизнисите да даваат фискална сметка. Донесовме одлука да се покачат платите во приватните фирми а ние да ги платиме придонесите, иако не знаевме колку ќе чини. Минималната плата за зголемивме за 60 проценти, а просечната плата за повеќе од 5.000 денари, во време кога ги решававме најтешките прашања за кои другите калкулираа со години. Затоа, ова не е гола борба за власт, рече Заев.

Тој се осврна и на решението за спорот со името, за што е многу критикуван од опозицијата.

-Бевме Република Македонија за по дома. Секаде бевме ФИРОМ. Понижени ни се враќаа децата од странство. Сега сме земја, призната од ОН, Бојко Борисов стопати има кажано македонски јазик, договорите ни се напишани со македонско кирилично писмо, ја исполнивме мисијата и аманетот на нашите предци. Имавме храброст и носевме одлуки. Треба да решите дали  ќе продолжиме на тој пат или ќе се вратиме на режимот. Јас знам дека правевме грешки, но се враќавме и ги поправавме. Сега на  интернет можете да видите каде се трошат парите и секој може да дискутира се. Никој не се плаши. Има слобода на говор, на демократија. Правната држава не е вратена како што треба, но законите се донесени и останува да се применат во праксата. Но, сега знаеме како ќе го прочистиме судството. Во новите закони за ЈО постои кривична одговорност за секој обвинител.

Јас знам дека некој што не нашол работа не е задоволен, но што нуди другата страна? Зарем треба во Гевгелија да дозволиме главна порака да биде дека ќе ги отворат рудниците? Да ве потсетам како беше во изминатите 11 години. Протести? Нема шанси, само молк, порача лидерот на СДСМ.

Тој уверуваше дека таа одлука СДСМ нема да ја смени без оглед какви рудни богаства да се во прашање.

-Ја поништивме концесијата за Казандол, зошто нема поважно од демократијата и волјата на народот. Изборот на Александар Николоски значи враќање на рудниците во гевгелискиот, валандовскиот и струмичкиот регион. Затоа не сме исти, комплетно сме различни, рече Заев.