Заев: Никој не брза на избори


Никој не брза да оди на избори и не сака веднаш да оди на избори, но треба да се земе предвид фактот дека корона кризата одминува, а земјата нема функционален парламент, нема политичка влада која треба да ја носи одговорноста, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев во гостување на ТВ Телма.

„Корона кризата одминува. Знаејќи го сето тоа, најпрво граѓаните треба да бидат свесни дека никој не брза да оди на избори и не сака да оди веднаш на избори, сите сакаме прво здравјето да биде заокружено, да нема ниту еден заболен повеќе и тогаш да размислуваме за избори. Но, во услови кога нашата земја нема парламент, нема политичка влада да носи одговорност, здравје за граѓаните е и функционален парламент, здравјето е и аспектот на економијата, функционална политичка влада која што ќе носи одговорни политики. Затоа час поскоро оваа работа треба да ја завршиме“, истакна Заев.

Според него, сега е моментот да се реши ситуацијата, поради тоа што имаше рестриктивни мерки кои вродија со плод и моментумот со најмалку заболени е токму сега. Изрази надеж дека и летото и есента ќе нема ниту еден заразен, но напомена дека можеме да се доведеме во ситуација да ги пробиеме сите уставни рокови на четиригодишниот мандат.

Овој параламентарен состав е биран на 11 декември. Постојат решенија, не смееме тоа да го дозволиме како зрела демократија.  Заклучивме дека живееме со корона кризата и дека треба да организираме избори, додаде Заев.

Ќе се чекаат насоките, додаде тој, од Комисијата за заразни болести, а следната недела, во понеделник или вторник, ќе има нова лидерска средба на која ќе се дефинираат работите.

„Вчера беше значаен ден и направиме сериозен напредок заради тоа што прво имавме дијалог, нормална земја сме седиме на маса и разговараме, констатиравме неколку важни работи кои што се важни за сите, ама важни се и за граѓаните за кои што се усогласивме сите. Темата беше побарана од претседателот на опозицијата, опозициската ВМРО–ДПМНЕ за лидерска средба околу датумот на изборите и иницијативата поднесена од СДСМ за свикување на парламентот. Утврдивме дека ќе мора да живееме со коронавирусот“, нагласи Заев.

Лидерот на СДСМ истакна дека го споменале 14 јуни како можен датум, но се отворени за заедничко утврдување на денот на изборите.

„Заклучивме на лидерската средба да организираме избори. Да видиме дали ОДИХР е спремна да дојде и во каква форма. Веќе чекаме информации за тоа. ДИК денеска имаа средба за да продолжат со ажурирање на списокот, има нови гласачи од 18 години, како и да се утврдат датуми за кампања, спроед сите здравствени протоколи, да знаеме што е дозволено, а што не. Следната недела ќе имаме уште една лидерска средба. Ние го предложивме 14 јуни, но ние сме отворени да зборуваме, за да може опозицијата да се чувствува комотно и да организира кампања. Ако нѐ прашаат од ОДИХР, или ДИК, треба да знаеме ориентационо кога е датумот, затоа ние сакавме да се постави некој датум. Следната недела сум убеден дека ќе имаме датум за избори“, рече Заев.

Според него, сите држави сега дефинираат избори, затоа што летото ќе се отворат границите и нема да се знае како ќе се движи кривата со пандемијата. Тој дополни дека ако здравствените работници кажат дека не може да се организираат избори, нема да одиме на избори.