Заев: Непопуларно е, ама ќе кратиме плати

Кратењето на платите во администрацијата е непопуларна мерка, но ова е ситуација во која не можеме да калкулираме, мора да се поставиме државнички и ова да го поминеме на нозе, истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев на гостување во телевизија „Алсат“.Заев посочи дека изедначувањето на платата на сите е на линија на солидарноста на граѓаните, односно оние што во последните години имале повисоки примања, логично е и повеќе да помогнат на државата.
– Во услови кога се замрзнати кредитите за три месеци, во услови кога се замрзнати целосно извршувањата, логично е, солидарно, сите да го понесеме овој товар. Зошто? Богатите биле научени да живеат побогато, па сега наеднаш ќе им стане тешко? Не, туку тие во оваа ситуација ќе отстапат најмногу од својот приход. Се претпоставува дека овие службеници со повисоки примања имаат акумулација во банка или заштеда дома, затоа што низ годините наназад секогаш земале повисоки плати. Еве на пример, ќе илустрирам со премиерската плата, која во ситуацијава ќе се намали за повеќе од 70 илјади денари. Ако мериме според просечната плата, која во декември била околу 25 илјади денари, тоа значи дека просечно кратиме по 10 илјади денари на секој административец, појасни Заев.
Додаде дека со кратењето на платите во администрацијата практично парите од намалените плати нема да одат во Владата, туку ќе останат во самата институција за да таа може да биде финансиски подготвена да ја преброди економската криза.
– Да го земеме пример претпријатието Македонски шуми. Парите што ќе се скратат од вработените таму, се пари кои нема да одат во Владата, туку ќе останат во самото претпријатие, за да претпријатието има  финансиска кондиција да ја преброди економската ситуација, истакна Заев.
Додаде дека сите трошоци во Владата се сведени на минимум со државните возила, мебелот, дневниците на службениците во обид на секој можен начин да заштедат пари за кризата.Посочи дека целиот пакет мерки што го предложиле како партија е насочен кон работниците и кон стопанството, кон тоа да се сочуваат работните места.
– Економската криза ќе има далеку поголеми последици од здравствената и затоа е подобро да се преземат превентивни мерки во духот на солидарноста, смета Заев.
Според него, не доцни вториот пакет мерки ако се има предвид дека импактот од кризата се очекува во април, а мерките се однесуваат на помош во плати, работници, ликвидност на стопанството за месеците април и мај.