Заев: Нема зголемување на даноците


Нано честички во нафтата и чипови кај цигарите и алкохолот ќе помогнат во сузбивање на даночната евазија кај акцизните производи која изнесува околу 250 милиони евра, рече лидерот на СДСМ

Нема зголемување даноци, ниту пак воведување нови, рече вечерва лидерот на СДСМ Зоран Заев во гостување на ТВ 24, одговарајќи на прашањето на учесниците на дебатата, универзитескиот професор Борче Треновски и Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, како Владата ќе успее да го покрие буџетскиот дефицит од 8 отсто годинава и намалениот прилив на буџетски приходи поради кризата и дали можеби ќе биде потребно да се воведе „корона данок“ за да се покрие таквиот јаз. Тој останува на определбата за прогресивно оданочување, но таа ќе се спроведе најверојатно по три години откако ќе се направат соодветните анализи и во дијалог со сите засегнати страни, пред се со асоцијациите на стопанственциите.

Заев рече дека „резервоар“ за поголеми приходи во Буџетот лежи во сузбивање на сивата економија, односно даночната евазија, која кај нас е 30 отсто.

„Со мерката Мој ДДВ наплатени се 100 милиони евра повеќе пари во споредба со претходната година“, рече Заев, додавајќи дека преку мерката супституција на придонесите државата ги поттикна бизнисмените и фирмите да ја даваат целата плата на сметка, наместо во плико.

„Најголема борба ќе биде каде што цели компании работат во куќи, комплетно на диво“, рече Заев. Тој нагласи дека само кај ацизите има даночна евазија од околу 250 милиони евра, според процените на државата. Станува збор за четири акцизни производи – цигари, нафта, алкохол и автомобили, а за сузбивање на евазијата кај овие производи веќе е изработена студија која е помината и на Влада.

„На секој влез на камион со нафта, ќе се ставаат нано честици што ќе овозможи да се следи нафтата комплетно на интернет, каде и да се движи. Кај цигарите и алкохолот, пак, ќе се става чип, и ќе се следи до фрлање на амбалажата. Метологијата е завршена“, рече Заев.

Вториот елемент, според него е зголемувањето на приватната потрошувачка. „Таа враќа во буџетот. Кога стимулирате поголеми плати, тоа е поголем данок на личен доход, поголем придонес за пензискиот фонд, односно расте севкупната база“.

Делумно е намалена даночната евазија, што резултира со поголеми приходи од околу 200 милиони евра, што, како што кажа Заев, се многу пари.

„Замислете да успеееме да ја намалиме 40 – 50 отсто. А, ќе мораме, бидејќи едно од првите поглавја во преговорите со ЕУ е финансиска контрола“, нагласи тој.

Тој исто така објасни дека со задолжувањата кај ММФ, Светска банка, ЕУ и со издадената еврообврзница, финансирањето на буџетот е целосно покриено за оваа година, како и дека има резерви од околу 350-400 милиони евра за дополнителни мерки за поддршка на економијата.

„Веќе сме финансиски покриени за буџетскиот дефицит, затоа што земавме 60 милиони евра од ЕУ, 175 милиони од ММФ, 50 милиони од Светска банка, 90 милиони што опозицијата ги блокираше ќе ги земеме по изборите… Финансирањето на овој буџет е обезбедено. Притоа резултатите што стигаат од крајот на мај и за јуни, како и за почетокот на јули се многу охрабрувачки, дури и подоброи од најоптимистичкото сценарио“, вели Заев.

Во јуни, како што објасни, има раст од 1,7 отсто на приходот од личен доход.

„Очекувано, данокот на добивка паѓа, затоа што ги одложивме аконтациите, а и ретко кој ќе оставари добивка годинава. Но, ДДВ е намален многу малку, 7,4 отсто е во споредба со јуни 2019, но не е 40 или 30 отсто колку што беше во мај. Економијата веќе се стабилизира“, вели Заев.

Зборувајќи за порастот на платите , тој рече дека во март просечната плата изнесуваше 27.206 денари.

„Ако можевме за две и пол години, не за четири, за 5.000 денари да ја покачиме платата, од 22.300 денари 2017 година пред да дојдеме на власт, до 27.206 денари март месец 2020, тоа се 5.000 денари без малку. За четири години дополнителните 3.000 денари до 30.000 денари апсолутно се стигнуваат. Тоа е реализирано ветување. Минималната плата е сама по себе доказ дека се остваруваат ветувањата, беше 9.000 денари, ја качивме на 12.000 денари, а потоа и на 14.500 денари. Опозицијата обвинуваше дека ќе се испуштаат работници и дека ќе се затвораат фабриките, но не тоа не се случи. Ние разговаравме со коморите, со фирмите, со бизнис секторот, работодавачите низ дијалог со нив ги покачивме платите. Стопанството сега има помотивирани работници, во услови на недостаток на квалификувана работна сила, повисоките плати се шанса да се задржат квалификуваните работиници, за државата е исто добро бидејќи се зголемува приватната потрошувачка, а Владата останува да работи како сервис“, рече Заев. (М.Ј.)