Заев: Не сум вмешан, објавете се што имате за Рекет


-Јас сум убеден  дека ќе победиме на следните парламентарни избори. Секако, тоа е одлука на граѓаните. Тргнувам од впечатокот за тоа што е постигнато во овие две и пол години, каква е алтернативата, односно што нудат нашите опоненти и определбата за идниот раст и развој на нашата земја. Верувам дека со програма којашто ќе продолжи како континуитет на сето ова што досега е направено, граѓаните ќе имаат јасна определба да победиме на следните избори на 12 април.

Ова во неделното интервју за Радио Слободна Европа го изјави премиерот Зоран Заев.

На прашањето за случајот „Рекет“, и на тврдењата на опозицијата дека тој е главата на октоподот во „Рекет“, Заев вели дека таква работа веројатно немало шанса да излезе на површина ако се случувала во времето на Груевски.

– Не може да се случи без знаење на премиерот ако премиерот е автократ и ако има контрола врз сите процеси во државата. Таква работа веројатно немаше шанса да излезе на површина ако се случуваше во времето на Никола Груевски. Во таквите случаи обично врхушката на власта ќе ги собереше парите, но сега премиерот го пријавува случајот, јас самиот го пријавив самиот случај и тоа беше јасно кажано и од обвинителството и од сите. Зоран Заев е пријавител на случајот, Зоран Заев не е под истрага, ако има што било поврзано со овој случај, сакам да биде обелоденето, вели тој.