Заев не стигна да го наследи Тевдовски
Премиерот Зоран Заев се „сопна“ пред самиот влез во зградата на Министерството за финансии. За малку недостигаше да стане и прв финансиер и да плати глоба од минимум 300 евра.
Антикорупциската комисија, сепак, реагираше навреме и спречи премиерот и формално да ги удвои функциите, со тоа што за малку ќе беше избран и за министер за финансии на собраниската седница што почна денеска. По соопштението на ДКСК, кое го пресретна почетокот на седницата, Заев реши да го повлече предлогот што самиот го достави до парламентот, со мошне наративна автобиографија, а кој предвидуваше токму тој да го наследи својот сопартиец Драган Тевдовски на министерската функција во финансии.
Во указот од ДКСК до Собранието се наведува дека Комисијата ќе преземе мерки согласно со нејзините надлежности утврдени со Законот за спречување корупција и судир на интереси, ако премиерот Заев биде избран за „чувар на државната каса“. ДКСК укажа дека, согласно со член 72 став 1 од овој закон, службеното лице во своето работење е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување.
Антикорупциската комисија укажа и дека, согласно со член 44 став 1 и 2 од Законот за спречување на корупција, избрано или именувано лице, за време на траењето на неговиот мандат, е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.
Според ДКСК, функцијата претседател на државата, претседател на Владата, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието, Владата или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга.
По ваквите укажувања, Заев го повлече предлогот и формално да биде именуван за министер за финансии посочувајќи дека само ќе ја врши оваа функција до избор на нов министер, согласно со Законот за Влада. Со тоа, министерското место во финансии останува празно на неопределено време. Инаку, и според член 89 од Уставот, функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење други јавни функции или професии. Организацијата и начинот на работата на Владата, пак, според Уставот, се уредува со закон.
Заев изјави вчера од собраниската говорница дека ја повлекува „самокандидатурата“ за министер поради тоа што смета дека мора да се послушаат сугестиите на опозицијата, како и на Антикорупциската комисија, која, според него, испратила сериозна порака.
„Уставот и Законот за Влада дозволуваат премиерот да биде и министер. Сепак, му дадов налог на кабинетот да ја повлече мојата кандидатура за министер за финансии. Согласно овластувањата со Законот за Влада, ќе раководам со Министерството за финансии, сè до изборот на нов министер“, рече Заев.
Сепак, тој не кажа колку би траел тој вакуум во министерската фотелја во финансии. Во изминатите години, од доаѓањето на владата на СДСМ и на ДУИ, имаше неколку случаи кога министерски фотелји и тоа во едни од најважните ресори со месеци беа празни. Така беше во Министерството за правда по оставката на Билен Саљији, во здравство по оставката на Арбен Таравари, а и министерската оставка во култура, која Асаф Адеми ја објави на 6 мај, дури вчера беше констатирана во парламентот. Останува неизвесно како ќе функционира Министерството за финансии во наредниот период, посебно во однос на тоа кој ќе биде потписник на документите – премиерот како в.д. министер или заменик-министерката Ширек Елези од редовите на ДУИ.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се повика на членот 13 од Законот за Влада, кој пропишува дека министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи.
„Министерството има заменик-министер и за секој за документ непотпишан од заменикот вработените треба да размислуваат како ќе постапуваат зашто ќе бидат повикани на одговорност“, рече тој. Мицевски праша зошто Заев го разреши Тевдовски кога Владата се фали дека 2019 е година на економијата?
Вчерашната седница почна со задоцнување од повеќе од еден час, додека владејачкото мнозинство се координираше, главно, околу тоа дали има конфликт на интереси со самопредлагањето на премиерот за министер за финансии. Расправата потоа беше мошне напната, со остри забелешки, посебно од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето за новите министри се очекува да се реализира во текот на денешниот ден. Заев уште од стартот на седницата одговараше на речиси сите дискусии на опозициските пратеници, потенцирајќи дека по две години земјата е подобрена во многу аспекти.
„Јавно признаваме каде што има слабости, но да зборуваме и за предностите. Сите економски параметри покажуваат дека ова е успешна влада“, нагласи Заев.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ забележа дека само во Белизе премиерот е и министер за финансии.
„Ако премиерот сака да ја концентрира власта и да биде блиску до парите, тогаш треба да ја разреши и заменик-министерката Елези. Таа е единствената овластена со сите обврски и права да ги извршува функциите што претходно ги извршувал министерот за финансии“, посочи Милошоски.
Заев одговори дека премиерот може да влијае на политиките на сите министри.
„Се кандидирав за министер за финансии заради креирањето на политиките што ќе донесат бенефит во делот на зголемување на плати и пензии. Перформансите на Владата и на буџетот се одлични“, рече Заев.
И Владимир Ѓорчев го оцени како авторитарен потегот на премиерот, оценувајќи дека ништо од програмата на СДСМ не е реализирано.
„Последните два изборни циклуси ве победивме и допрва ќе ве победуваме, затоа што ви го победивме национал-радикализмот, и популизмот ви го победивме, и национализмот ви го победивме. Ќе ве победиме и заради успешните политики. Ги решивме двете најголеми стратешки прашања, презедовме ризик, покажавме храброст, донесовме одлука, ги гарантиравме нацијата и македонска и јазик, а транспарентноста што денеска ја има беше мисловна именка во вашето време“, реплицираше Заев.
Александра М. Митевска