(ВИДЕО) Заев: Не сме Северна Тунгузија туку Северна и единствена Македонија


Сите ние сме минливи само Охрид е вечен и неповторлив, порача вечерва и му се поклони на градот „бисер“, лидерот на СДСМ Зоран Заев во рамките на предизборниот митинг организиран со дистанца, но со поглед на езерото.

-Ќе дојде време, ќе ги фрлиме маските, но што ќе прават нашите противници со постојаните маски што ги имаат. Маски на преродбата, на лажниот патриотизам, сега на обновата, тие маски не можат да ги фрлат, рече Заев , пред да ги наброи  инвестициите на  Владата на СДСМ во Охрид и сретствата префрлени на општината за да биде финансиски стабилна.

– Дадовме една милијарда денари директна помош кон Охрид, преку „Проаква“ и Колекторот.Покривме пола милијарда денари долгови на Општината, наспроти ни еден денар од ВМРО-ДПМНЕ кога имаа градоначалник.  Од сите што добија платежни картички најголемиот број  парите ќе ги трошат тука. Затоа сме овде денес исправени  среќни и гласни, чекајќи поддршка од Охриѓани да продолжиме, рече Заев.

Тој се осврна и на спорот за името порачувајќи дека одлуката била донесена  заради подобра иднина на државата.

-Ние носевме одлуки што и требаа на државата, не се криевме, не калкулиравме, не колневме клети непријатели…И не сме денес Северна Тунгузија туку Северна Македонија,и  само ние сме Македонија. Имаме лична карта во ОН, имаме имотен лист, запишани сме така во државите во светот кај кои претходно бевме запишани како ФИРОМ. Тука беа нашите конкуренти. Ви ветија ли НАТО и Европска унија? Не можеа, зашто завршена е таа работа. Триесет години ништо не решија, рече Заев.

Тој се надеваше дека спорот на ВМРО-ДПМНЕ со наведнатите граѓани е смешка, зошто сите знаат колку во нивно време се плашеле граѓаните.

Околу тоа, пак, што реализирала партијата во изминатите три и пол години на власт, тој рече дека, наспроти опозицијата која покачува плати и пензии само пред избори, Владата предводена од СДСМ тоа го прави постојано, покачувајќи  ги платите и пензиите за пет, 10, 15, 25, па и 40 проценти.

– Ние ги покачуваме во континуитет не пред избори, секогаш кога можевме, затоа што тоа се ваши пари. Сега парите не одат во стиропор, не одат во музеи и споменици, одат во живи луѓе. Ги пуштивме парите назад кон граѓаните.Ова е нов концепт каде што државата постои заради народот. Со успешните политики ќе се избориме да ја укинеме докрај сивата економија. Ќе ги вратиме сите пари на граѓаните. Ќе одржиме економски лекции и на Мицкоски, и на неговите кадри, и на целиот регион. Ќе успееме, затоа што сега имаме пријатели а не непријатели и затоа што не почитуваат во целиот свет, рече Заев.

Презентирајќи ја економската програма на коалицијата предводена од СДСМ тој рече дека таа нуди реална можност за отворање на 80 отсто од фондовите на ЕУ.

– Европеизацијата значи екологија, значи правда, значи подобро здравство, подобра социјална заштита, значи подобра економија, култура. Затоа тежнееме кон Европа. Затоа носевме храбри одлуки…Секое поглавје значи нови фондови, секој кластер од поглавјата значи рамноправност во трошењето европски пари. Затоа со СДСМ за четири години ќе отвориме 80 отсто од фондовите на ЕУ, за шест години ќе бидеме членка на ЕУ, рече тој. Со вакво ВМРО, квази патриотско и настоено да влезе со сите во  битки, ќе ни требаат 60 години да влеземе во членство во ЕУ, оцени Заев.

Тој наедно ја нагласи одлучноста на партијата да гради фер општество за сите, дури и во време кога се решаваа најтешките прашања во историјата на Македонија од осамостојувањето досега.

– Влеговме во костец со проблемот, го решивме и отворивме фронтот за развој, и на земјата и на народот им оставивме перспектива за напредок. Членството во НАТО значи целовитост и територијален интегритет, стабилност на границите и испорачуваме стаболност во регионот. Имаме држава признаена во целиот свет, во која живеат доминантно Македонци со признаен идентитет, кои зборуваат македонски јазик. Носевме одлуки без било какви калкулации. Сега останува на граѓаните да носат одлуки, ќе се враќаме во „обновата“, „преродбата“ на режимот или ќе одиме напред, кон евроатлантската пeрспектива, де живееме со европските стандард, да си ја европеизираме државата или повторно ќе влеземе во кавги меѓусебе и со соседите, рече Заев.

Тој изнесе став и за неговиот директен конкурент во изборната единица и кандидатот на опозицијата во Охрид.

-Што бара вашиот Охриѓанец да поднесува листа во Струмица. Замислете дојде човекот од Охрид да зборува за струмичките френки и чушки, за винско грозје и лозјето во Кавадарци, за радовишката економија и не може два збора да каже што направил  за Охрид. Немојте лично да ме сфатите, но ќе го згазам во Струмица, ќе го поразам толку силно, зошто е нечесно толку да го понижуваат народот. Тој беше десната рака на Груевски. Цело време е во политиката. Што доби Охрид од него? Нема образ да дојде во Охрид да се кандидира, не може ни во Скопје, па дојде во Струмица. Тоа покажува колку се несериозни. Нивниот  носител ,пак, овде, влезе да не убие во парламентот, влезе да одземе човечки животи. Сите овие години беше директор на  Филхармонија, лапајќи државни пари без било што да се потруди и изигрувајќи квази патриот. Не можат да ни ја газат интелигенцијата. Исти се тие луѓе, ги кажуваат истите фрази. Само вратете се на јутуб и на гугл и видете што зборувал Груевски. Се е исто, само што сега место Груевски е Мицкоски, рече Заев алудирајќи на Александар Николоски и Игор Дурловски. Според него, затоа ќе останат опозиција, а можеби ќе победат на некои други избори.

До крај ќе го средиме Охрид според сите стандарди на УНЕСКО. Ќе го донесеме УНЕСКО место Субрата Рој, вети исто така лидерот на СДСМ.

https://www.facebook.com/zaevzoran/videos/196146635075643/

-Последни што треба да критикуваат за загрозениот статус на Охридското езеро се тие што го доведоа до тоа, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

-Не случајно почнуваме во Охрид и не случајно голем дел од кампањата ќе бидеме тука, бидејќи на многу теми кои што ни се важни како луѓе, како партија, како кандидати во Охрид, можете да ги видите контрастите на дело. Можете да видите што говориме и како работиме, можете да видите што говорат и како не работат оние другите. За 2,5 години покажавме дека можат да не критикуваат, можат да не плукаат, можат да ја лажат јавноста, но не можат да избегаат од фактот дека сме луѓе, партија и влада која решава проблеми, која не бега од нив, која не бара оправдување, истакна Шекеринска.

Пред охриѓани, Шекеринска потсети дека после долго време припадниците на Армијата добија униформи.

-Минатата недела добивме нови униформи за секој припадник на нашата армија, обезбедивме за 2,5 години, заради силната поддршка предводена од Зоран Заев, комплетно нова реалност за нашата НАТО Армија, обезбедивме 50 до 60 проценти повисоки плати за секој, обезбедивме нови чизми. Ова во ниту една демократска држава на која сакаме да личиме не би било вест, ова е нормално, ама кај нас не беше нормално оти 11 години не успеја тоа да го направат, 11 години заборавија на Армијата, рече Шекеринска.

Како носител на петтата Изборна единица, Шекеринска потсети и дека Владата предводена од СДСМ за две ипол години сработила работи кои претходната власт не успеала да ги заврши за 11 години централна власт и речиси 12 години локална власт во најголемиот дел низ општините во државата.