Заев не сака лидерска со Мицкоски бидејќи за ништо нема став
Премиерот Заев експресно го одби барањето на лидерпт на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за одржување лидерска средба бидејќи не гледа никаква потреба за такво нешто. Заев за Канал 5 вели дека македонскиот јазик и идентитет се меѓународно признаени и потврдени од целиот свет, додека пак за темите кои произлегуваат од договорот, вели дека земјава има волја да ги решава преку комисиите кои имаат надлежност за тоа.
-Не гледам потреба од лидерска средба. Особено со човек кој нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање. Мицкоски не е за договор на било која тема, тој бара начин само како да наштети на државата, особено на процесите кои не водат кон ЕУ – вели Заев, во изјава за Канал 5.
Мешовитата комисија за историски прашања според најавите треба да има уште една средба годинава, кон крајот на ноември или почетокот на декември, но дотогаш веќе ќе биде познато дали Бугарија ќе ги оствари заканите за вето. Клучен се очекува да биде исходот од средбата на премиерите Заев и Борисов најавена за следните недели.