Заев не најавува наскоро нов Викенд без ДДВ, парите ќе се распределат на други погодени сектори


Фото: Б. Грданоски

„Ќе одлучуваме согласно сугестиите од страна на граѓаните“, изјави денес премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско рашање како ги оценува резултатите од Викендот без ДДВ, што беше спроведен на 10, 11 и 12 октомври и дали Владата размислува да спроведе наскоро уште еднаш ваква мерка.

„Ако граѓаните сугерираат да размислиме за следен викенд, ќе размислиме“, рече Заев, но исклучи таква можност тоа да се случи наредните недели бидејќи, како што кажа, доколку некој бил подготвен да направи поголема купувачка тоа ќе го сторел претходниот викенд.

Тој исто така рече дека Владата ќе размисли како да ги искористи средствата што ќе останат неискористени со оваа мерка, за која, според претходните најави, се очекуваше дека ќе бидат потребни околу 17 милиони евра, а според премиерот тоа ќе изнесува 1-1,5 милиону евра.

„Ако мислиме дека тие средства може да ги алоцираме на други места и да помогнеме на друг начин, во оваа кризно време, тоа ќе го направиме“, рече Заев.

„Веројатно ќе разгледуваме варијанти како може да се алоцираат овие пари за поддршка на погодените од кризата. Ако доаѓаат мерки што ќе ограничуваат се повеќе места каде што имаме групирање – угостителски објекти, пазари и други објекти, ќе дизајнираме таму да помогнеме со парите подоминантно, отколку преку поврат на ДДВ“, додаде тој.

Според премиерот, државата морала да предвиди сериозни средства во Буџетот за поврат на ДДВ, затоа што доколку тоа не го направела, „ќе останела со куси ракави“.

„Ако не го предвидовме максимумот можеше да нема пари да ги исплати сите средства“, рече Заев.

Според него причините зошто граѓаните не ја искористиле мерката до крај се комплексни.

„Затоа што е сиромаштија. Луѓето штедат пари, дури и да им дадат 18 отсто поврат, викаат ќе купам тоа што ми треба“, рече Заев.

Тој додаде дека прометот некаде е зголемен и пет пати, некаде три пати во зависност од видот на производите.

„Но, дефинитивно видовме серизна успешност затоа што успе е прометот да биде зголемен за пет пати во делот за домашни производи и услуги и во делот за компјутери или ИТ опрема“, рече Заев. (М.Ј.)