Заев не го дава Џафери


Премиерот Зоран Заев, како лидер на најбројната коалиција во законодавниот дом, не планира да иницира или да одобри смена на актуелниот прв парламентарец Талат Џафери. Со тоа станува извесно дека сегашниот претседател на парламентот ќе продолжи да ја извршува функцијата и по претседателските избори кои, пак, во случај да не завршат со одѕив повисок од 40 проценти, би го „лансирале“ Џафери и во вршител на должност шеф на државата.
Опцијата за разрешување на Џафери, за што би биле потребни најмалку 61 глас во Собранието, ја отвори повторно потпретседателот на СДСМ и пратеник Мухамед Зекири. По вербалниот дуел околу негласањето за одземање на имунитетот на поранешниот спикер Трајко Вељаноски, кој е осомничен како еден од можните организатори на насилствата на 27 април 2017 година, Зекири деновице ја реактуелизира можноста да поднесе иницијатива за смена на Џафери. Како гостин во дебата на Телевизија 24, Зекири рече дека Џафери треба побрзо да се освести што прави како претседател на Собранието, да не тера личен инает, како со постапките околу имунитетот на Вељаноски и со контрирањето на министерката за правда Рената Тренеска Дескоска околу можната седница во текот на изборната кампања за донесување на законот за јавното обвинителство, со кој се решава статусот на СЈО.
„Размислувам да поднесам барање за смена на Талат Џафери од местото претседател на Собранието“, рече Зекири. Тој додаде дека ќе го држи за збор пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски (кој беше негов соговорник на дебатата) дека ќе поддржи таква интерпелација ако биде поднесена од страна на СДСМ.По изјавата на Зекири, Заев изјави вчера дека е против евентуална смена на претседателот на Собранието и посочи дека СДСМ не донел таква политичка одлука.
-Политичка одлука во СДСМ за таква работа нема, ниту пак гледам причина. Јас ги почитувам поединците. СДСМ е демократска партија и има шареноликости. Понекогаш и во изјавите. И тоа е убавината на демократијата и на слободата. Но, за да има политички став, политичкото раководство на СДСМ треба да донесе таква одлука. Лично јас сум против, изјави Заев.
Минатата седмица Џафери објави пауза од околу еден и пол месец во работата на парламентот, за време на кампањата за претседателските избори. Рече дека во овој период планира да закаже само една седница – за последниот пакет закони што ги донесе парламентот, а што се очекува претседателот Ѓорге Иванов да ги врати кај пратениците кои треба да ги донесат повторно во рок од 30 дена. Во однос на законот за јавното обвинителство, што стана клучен критериум за одлуката на ЕУ околу почетокот на преговорите со нашата земја, Џафери изјави дека реформските закони може да се изгласаат и во текот на мај, со оглед на тоа што Европскиот совет ќе заседава во јуни. Тоа беше причината за несогласувањата меѓу него и министерката за правда.
Покрај ставот дека е против смена на Џафери, Заев изјави вчера дека би било добро законот со кој се регулира статусот на СЈО да биде донесен пред изборите за да може да влезе и во новиот извештај на Европската комисија.
-Тоа ќе значи дека го фаќаме април. Изборите завршуваат на 5 мај, тогаш е вториот круг. Така ќе отстраниме поголема можност прашањето за СЈО да се користи во митинзи, во кампањата. Ова е системско решение. Се работи за еден од законите кои се најважни од аспект на реформите во правосудството. Затоа и не е за џабе ваквата дебата.Верувам дека ќе се постигне договор“, рече Заев.
И додека пратениците се на „пауза“, Џафери со уште петмина пратеници од различни партии замина за Доха, Катар, каде што од 6 до 10 овој месец ќе учествува на 140. Собрание на Интерпарламентарната унија.

Дерковски верува дека ќе биде избран нов претседател

Во изминатиот период спикерот Талат Џафери излезе со информации дека, во случај на неуспешни претседателски избори, тој како претседател на парламентот би бил и в.д. шеф на државата до изборот на нов претседател, но не подолго од шест месеци. Наспроти тоа, претседателот на ДИК Оливер Дерковски смета дека во таков случај нови избори би требало да се одржат во рок од 40 дена, што би значело до околу 15 јуни. Тоа, всушност, е периодот што е предвиден со Уставот за одржување вонредни претседателски избори.
Сепак, вчера, на брифинг на членовите на ДИК со медиумите, Дерковски посочи дека, всушност, од Џафери како претседател на парламентот зависи кога би се одржале евентуални нови претседателски избори, во случај на претстојните да нема доволно одѕив за постигнување на цензусот, бидејќи сите избори ги распишува првиот човек на Собранието. Дерковски, сепак, нагласи, дека не очекува да се создаде таква ситуација, односно дека верува оти претстојните избори ќе успеат и ќе завршат со избор на нов шеф на државата.
Од ДИК најавија дека по изборите ќе иницираат донесување на нов Изборен законик, поради повеќе празнини и колизии во сегашната регулатива. Сегашниот законик е донесен во 2006 година е досега е менуван триесетина пати. Гласањето на дијаспората останува еден од најгорливите проблеми. Изборниот законик точно предвидува во кои градови и населени места во странство ќе може да се гласа , што ги обесправува иселениците кои живеат во другите места. На овие избори само 1.830 иселеници, од околу 80 илјади запишани во посебен извод од избирачкиот список, ќе може да го користат гласачкото право. За да се реализира процесот ќе се ангажираат 265 членови на избирачки одбори и тоа во два наврати – за гласањата на 20 април и на 4 мај. (А.М.М.)