Заев не е сигурен: Можно е Камчев да ме снимал
Премиерот Зоран Заев не ја исклучува можноста да бил сниман додека разговарал со Орце Камчев, имајќи го предвид искуството што со бизнисменот го имаа Бојан Јовановски и Катица Јанева. Во интервју за „Фокус“, претседателот на владата вели дека не може да биде сигурен.
„Не можам да кажам дали ме снимал. Ако снима секаде, можно е да ме снимал. Кога се влегува тука кај мене, прво се оставаат телефоните, според процедурата, за да имаме слободни состаноци.Се што сум разговарал со некој, секогаш сум се водел од мојата одговорност како премиер. Треба да се постапува по закон, дури и кога доаѓа некој, како што дошол тогаш и Боки 13. Сите луѓе бараат средба со премиерот, а при сите тие средби се обидувам да бидам позитивен пример за законско работење“, вели Заев.
Тој појаснува дека повикот, односно пораката од Камчев ја добил како итна, по што веднаш организирал состанок. Откако ги чул и ги видел снимките, пријавил кај надлежните. Така почнува да се одмотува клопчето околу случајот „Рекет“.
„Во снимките што ми ги презентираше Камчев, немаше докази дека Јанева зела пари и дека е инволвирана во случајот. Јас и кон моите политички противници секогаш сум ја почитувал пресумпцијата на невиност“, тврди премиерот.