Заев не е, Катица не е, од каде протекуваат „бомбите?


Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева не гарантира, но Специјалното јавно обвинителство тврди дека „бомбите“ на Ел Чека не излегле од СЈО и  дека прислушуваните разговори таму се безбедни.

Јанева, првично, во изјава за новинарите потврди дека дел од „бомбите“ што ги објави Ел Чека ги поседува и СЈО и на новинарско прашање дали може да гарантира дека „бомбите“ не излегле од СЈО,  не даде гаранција бидејќи тоа уште се истражувало. Вчера Специјалното јавно обвинителство испрати соопштените во кое категорично тврди дека „бомбите“ на Ел Чека не потекнуваат од СЈО.

„Ја уверуваме јавноста дека сите аудио материјали со кои располага ова Јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите. При анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Северна Македонија и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права. Со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот“, се вели во соопштението на СЈО,.

Обвинителството потенцира дека СЈО ја гарантира единствено безбедноста на сите аудио материјали со кои располага и ги повика сите кои поседуваат „бомби“ да ги предадат во СЈО.

По соопштението на СЈО, за „бомбите“ се огласи и премиерот Зоран Заев, чија партија додека беше во опозиција и ги предаде „бомбите“ на Јанева. Тој гарантира дека „бомбите“ не излегле од СДСМ и дека сите прислушувани разговори, стопроценти, се предадени во СЈО.

„’Бомбите’ во најголем дел се однесуваа на опозицијата, граѓанскиот сектор, бизнисмените, верските заедници и другите чинители, како и за тогашната власт. Очекувам истражните органи да откријат од каде потекнуваат и да постапат согласно законот. Воспоставивме закон и дел од Пржинскиот договор беше и оваа законска регулатива што е денеска е на сила и по неа треба да се постапува“, изјави Заев.

Профилот од кој се објавуваа „бомбите“ за функционери на ДУИ неколку дена, откако обвинителството отвори истрага, не е  активен. На 3 јуни кичевското обвинителство поднесе кривична пријава против кичевецот кој објавуваше „бомби“ од профил регистриран во Чикаго. На 31 мај обвинителството доставило барање за меѓународна правна помош за обезбедување на потребни податоци од профилот на социјалната мрежа, односно побарало од надлежните органи во САД да спречат објавување на снимени разговори.

Сепак од кичевското обивнителство кое треба да истражи како стигнале овие „бомби“ до Чикаго нема нови информации до каде е истрагата.

Иако најавуваше 6.000 „бомби“, Ел Чека објави само десетина и за последен пат се обрати по поднесената кривична пријава.

„Би сакал да го информирам обвинителот од Кичево дека кривичните пријави против мене овде не се валидни и дека можe да ги користи таму за Али Ахмети и Муса Џафери, а не овде. Обидувајте се колку што сакате, ништо не ми можете“, напиша Чека.

Тој се закануваше со уште пострашни бомби ако не се спроведе меѓународна истрага за настаните во Диво Насеље, како што ветуваше ДУИ. Според него, бомбите ги добил од „Кумановската група“, чии членови се неправосилно осудени и се наоѓаат во Шутка.

На 30-ти декември 2015 година Заев како опозициски лидер објавуваше „бомби“ за криминалите на претходната власт кои сега се докази во случаите што ги води СЈО против поранешните функционери. Иако законски е забрането да се објавуваат прислушувани материјали, по „бомбите“ на Заев се појавија приватни разговори на јавни личности преку профил под име Никола Тесла, а за време на претседателската кампања јавноста се потсети на „бомбите“ и на руска социјална мрежа објавени од извесен Илија Громовник. Иако беа отворени истраги, досега истражните органи не докажаа од каде протекле прислушуваните разговори.(Ф.Ф.С.)