Заев направи увид на санирањето на свлечиштето кај Маркова Нога


 Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, при работната посета во Преспанскиот Регион извршија увид во санацијата на свлечиштето на регионалниот пат од Макази до Маркова Нога.
 
Гошаревски по увидот укажа дека градежните работи не биле запрени и во вонредните услови од пандемијата и за време на летните избори. Според него, интензивните градежни активности на свлечиштето овозможуваат безбедност за жителите на Преспа, како и за сите граѓани кои возат по овој пат. А покрај безбедноста, оваа конкретна точка на патот е клучна бидејќи овозможува услови за отворање на граничниот премин Маркова Нога.
 

– Ова свлечиште се појавува во 2018 година и на неговата санација и претходеа консултации со професори од Градежен факултет кои подготвија анализа и проект за долгорочно решавање на проблемот. Проектот опфаќа растерување и олеснување на земјиштето, изработка на насип и изработка на потпорен ѕид. По завршување на градежните активности, следува фаза на пошумување и зазеленување на просторот. Средствата за санацијата се обезбедени преку Програмата за прекугранична соработка, соопшти владината прес-служба.