Заев најавува предвремени избори во редовен рок

Премиерот Зоран Заев уште еднаш најави дека следните парламентарни избори, веројатно, ќе се одржат во октомври следната година или точно за една година. При посета на фабриката „Маркарт“ во Велес, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има предвремени избори, Заев одговори потврдно, посочувајќи дека предвремени избори ќе има кон крајот на октомври 2020 година, односно 45 дена пред редовните.
Но октомври следната година, всушност, веќе значи избори во редовен термин, ако се имаат предвид уставните рокови за одржување парламентарни избори, согласно со датумите на одржување на последните избори за пратеници и конституирањето на актуелниот собраниски состав. Според член 63 од Уставот, избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието (за вонредни избори).
Последните парламентарни избори се одржаа на 11 декември 2016 година, а конститутивната седница на овој собраниски состав почна на 30 декември 2016 година, кога беа верификувани мандатите на новоизбраните пратеници, со што почна да тече нивниот четиригодишен мандат. Друга работа е што оттогаш до 27 април 2017 година Собранието беше нефункционално, поради опструкциите за избор на новиот прв парламентарец Талат Џафери.
Со оглед на тоа што мандатот на овој пратенички состав почна од 30 декември 2016 година, тогаш од почетокот на октомври следната година ќе почнат да течат роковите за нови избори во редовен рок. Од друга страна, ако изборите се одржат на крајот на октомври, како што најавува сега Заев, тоа значи дека 100 дена претходно, што во случајов би значело кон средината на јули 2020 година, ќе треба да се формира техничка влада, со друг премиер предложен од СДСМ и со министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе треба да постави и дополнителни заменик министри во министерствата за финансии, земјоделство и во информатичко општество.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, коментирајќи вчера за изјавата на Заев дека предвремени избори ќе се одржат 45 дена пред датумот за редовни избори, рече дека премиерот прво треба да провери дали со тие 45 дена се влегува во она што би требало да бидат регуларни избори.
– Ако Заев верува дека има добар рејтинг, верувам дека не би му пречело да организира предвремени парламентарни избори. Но едно е сигурно дека Заев и неговите лажливи политики губат. Еве, ги сведочењата ги слушнавме, нема 300 пилоти во Арачиново, нема ниту канализација во Арачиново, а веќе влегуваме во изборна година. Заев нема со што друго да се пофали освен со проектите и она што го има направено и оставено ВМРО-ДПМНЕ зад себе – оцени Стоилковски.
Темата за предвремени избори е одново актуелна поради постојаните вакви барања на ВМРО-ДПМНЕ, но и поради засилените кампањи на двете најголеми партии на терен и меѓу граѓаните. Опозицијата сега го пикира март следната година како посакуван термин за вонредни избори. Од СДСМ, пак, иако доаѓаат најави дека оваа владејачка гарнитура планира да го „потроши“ целиот мандат, неофицијално оставаат простор и за поскоро распуштање на парламентот – можеби уште напролет, за да се валоризираат очекуваната одлука за почеток на преговорите со ЕУ и полноправното членство во НАТО. Во тој контекст се и најавите за можно пролонгирање на пописот планиран за април следната година.

Премиерот, коментирајќи вчера за кампањата на СДСМ „На прав пат“, која ги засили сомневањата дека се на повидок предвремени избори, нагласи дека владејачката партија има за цел секој ден, недела и месец да покажува какви се придобивките од членството во НАТО и во ЕУ за економијата, растот и новите работни места.
– Надежите за конечни одлуки за стратегиските цели за државата ќе бидат исполнети сега – во средината на октомври и во декември-јануари или февруари, во зависност од одлуката на Шпанија за НАТО – рече Заев.
Тој појасни дека земјите, како Бугарија, Хрватска или Романија, кога стануваа членки на НАТО и кога ги отвораа процесите на преговори со ЕУ, буквално живееја „меден месец“, кој според него не се повторува.
– Ова е тој период кој ние не можеме да очекуваме дека сериозно ќе се повтори во иднина и тоа се причините зошто сметаме дека треба да се оди на редовни избори – потенцира Заев.
Тој рече дека кампањата што се води моментно е за да се финализираат двегодишните активности на Владата, да им се доближат на граѓаните сериозните успеси и да се отвори дебата за тоа.
– Озарени во периодот што доаѓа пред нас, сакаме да научиме нешто од граѓаните и да ги увидиме слабостите и предностите, задоволството и незадоволство и да можеме да разговараме и дефинитивно да потврдиме дека навистина тоа е вистинскиот пат по кој треба да се движиме – рече Заев посочувајќи дека кампањата на СДСМ е временски ограничена – токму на оваа есен и дека би требало да заврши пред новогодишните празници.
За ребрендирањето на СДСМ посочи дека е со цел партијата дефинитивно да се промени, да се модернизира и да биде од помош на државата и граѓаните.
На прашање зошто токму црвена боја, Заев одговори дека тоа е наша македонска боја, какво што е нашето знаме, но и бојата на социјалдемократските партии во Европа. (А.М.М.)