Заев најавува одложување на распуштањето на Собранието


Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска соопшти дека е можно Собранието да се распушти подоцна од предвидениот термин доколку навреме не се донесат законот за јавно обвинителство, протоколот за НАТО и законот за одбрана. „Ова беше дел од агендата што е договорена од сите партии да се заврши до распуштањето на Собранието на. Ако некој го прекрши тоа, тогаш распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите нема да се случи“, изјави денеска Заев по сведочењето во кривичниот суд за предметот „Монструм“.

Прашан дали е можно одложување на изборите доколку не се донесе Законот за јавно обвинителство, Заев рече „не“, но истакна дека е многу важно договреното да се изгласа во парламентот.

„Убаво е на 12 февруари, како што објави Талат Џафери тоа да се случи. Изборите се распишуваат и парламентот се распушта од 45 до 60 дена. Значи имаме 15 дена за распуштање на парламентот и распишување на изборите, како што законот и Уставот тоа го дава, но јас верувам дека сѐ ќе биде завршено на 12 февруари“, изјави Заев.

Преговорите за законот за јавно обвинителство се во цајтнот и прашање е дали тој ќе биде усвоен до 12 февруари, откако стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ со разни методи на одолговлекување нема да го поддржи.