Заев најавува чистка меѓу судиите


Фото: Б.Грданоски

По најавите, додека беше опозиционер, дека ќе има реизбор на судиите и ќе се бара одговорност за оние што работеле под диктат на тогашната власт, премиерот Зоран Заев сега најавува расчистување со непрофесионалноста на судиите со нова мерка. Ако Судот за човекови права во Стразбур врати судска пресуда и државата треба да плати за неа, ќе има кривична и материјална одговорност и за судијата што донел таква одлука. Ова го изјави премиерот Зоран Заев во интервју за емисијата „24 отворено“, како дел од реформите што се вградени во законите за правосудството.

„Во новите закони и тоа како има предвидено одговорност за судиите, а се надевам дека тоа ќе се случи и во Јавното обвинителство. Ако судија донел погрешна одлука, судот во Стразбур ја врати и државата треба да плати штета, тогаш и судијата што ја донел пресудата сноси и кривична и материјална одговорност поради неговите одлуки, и тоа се дел од реформите што се вградени во новите закони“, рече Заев.

Оваа најава на премиерот звучи како расчистување со судиите што носат одлуки на штета на државата и граѓаните, иако досега ниту еден судија не понесе одговорност откако одекнаа „бомбите“ кои покажаа дека некои од нив се во дослух со минатата власт, а десетици осудени се жалеа на политички монтирани судски одлуки. Заев вели дека има поведени постапки за неколкумина судии од Врховниот и од Апелацискиот суд и верува дека судските инстанци ќе ги донесат одлуките согласно докази и аргументи.

И новата најава на Заев не може да се земе здраво за готово, дека Македонија ќе расчисти со непрофесионалните судии, со оглед на тоа што во носењето на правосилните одлуки во повеќето случаи се инволвирани најмалку девет судии и судии поротници, што значи дека сите треба да бидат разрешени. Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека одговорност може да има за судијата чија пресуда ќе биде вратена со Судот во Стразбур, но претходно треба точно да се утврди каква повреда направил судијата.

„Не може одговорноста да се земе анблок, без да се утврди точна инволвираност, на точно одреден судија, каква повреда направил. Стразбур во своите одлуки не ја цени одговорноста на судиите, тие ја лоцираат одговорноста на државата, а државата е таа која потоа може да бара регрес ако утврди точно во што е грешно однесувањето на судијата кој би понел кривична и граѓанска одговорност“, вели Николовска за „Независен“.

И образложението за неможноста да се направи реизбор на судии беше дека мерката е неспроведлива бидејќи Европската Унија била категорична дека не може да има колективна одговорност за сите, туку поединечна, поучена од искуствата во соседна Албанија и малиот број на судии.

„Во државата со систематизациите има 750 места за судии, во моментов се пополнети 528, а при евентуален реизбор на судиите 200 треба да си останат дома, според мои груби проценки. Но тие нема од кај да се надополнат. Академијата за судии во секоја година продуцира околу 35 судии и обвинители и нема продукција на кадри согласно законите. Тие се двете основни причини“, рече Заев во емисијата. На крајот, најголемата работа, според него мора да ја направат самите судии.

– Реформите што може извршната власт да ги направи заедно со парламентот се во законодавството. Судиите мора да се реформираат односно да си понесат одговорност и во делот на транспарентноста во настапувањето, и во објавувањето на пресудите, и во делот на правичноста во донесувањето на одлуките. Мораме да направиме сериозни реформи во нашите глави“, порачува Заев.

Колку е судството реформирано, сепак, ќе покаже крајниот резултат, колку судски процеси и истраги ќе добијат правна разрешница. (Ф.Ф.С.)

 

Судија на Управниот суд под истрага

Во овој контекст, вчера Обвинителството за организиран криминал и корупција донесе наредба за истрага против судијата Мустафа Шахини од Управниот суд во Скопје за злоупотреби со предмет за денационализација, со што ја оштетил државата за над 200 илјади евра.

Имотот се наоѓал на брегот на Охридското Езеро во Струга. Истрагата на Обвинителството утврдила дека тој пред да биде избран за судија им бил адвокат на барателите за денационализација во предметот, а со пресудата на клиентите му бил исплатен надомест.

Откако ја донел пресудата со која му ја вратил парцелата од речиси две илјади квадрати, кој според ДУП е градежно земјиште и вредна 12 милиони денари, осомничениот судија не доставил примерок од пресудата до Државното правобранителство и повторно не дозволил државата да се жали, а истовремено со својот потпис овозможил правосилност.

Од Обвинителството соопштија дека бараат притвор за судијата, а спорната парцела е замрзната и никој не може да располага со неа.