Заев најавува целосна легализација на марихуаната


Премиерот Зоран Заев е убеден дека парламентот е подготвен да ги донесе измените на Законот за контрола на опојни дроги со кои ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели, а в година очекувам да се отвори дебата за декриминализација и за целосна легализација.

На презентацијата на владиниот план „Акција 21 – европски стандарди дома“ Заев рече дека искуствата на државите како Канада, Чешка, Холандија покажуваат дека заработуваат 55 милијарди долари годишно од оваа дејност, додека кај нас има 59 лиценци за оваа дејност.

„Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи. На европските пазар има стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани. Маслата од канабис и други продукти влијаат позитивно на многу болести како мултиплекс склероза, ХИВ, епилепсија и многу малигни заболувања и други болести. Тоа отвора огромни потенцијали и пазари и верувам дека парламентот е подготвен да ги усвои предложените законски измени за кои имавме одредено блокирање во изминатиот период. Со Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели, што ќе поттикне нови инвестиции и работни места“, рече Заев.

Тој вели дека на овој начин се очекуваат повеќе од 250 милиони евра од производство на канабис за медицински цели и отворање нови високоплатени работни места.

Заев рече дека в година ќе се прошири листата на дијагнози кои ќе може да користат производи од канабис како лек, а ќе се отвори и дебата за декриминализација, како и за целосна легализација.

„Точно е тоа што го зборуваат активистите од граѓанскиот сектор – не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде во светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност. За оваа работа претстои почетокот на 2021 година, кога очекуваме да дебатира парламентот. За севкупната легализација ќе има дебата до крајот на јуни 2021 година, претходно ќе издебатираме, ќе го слушнеме гласот на граѓаните, а после и парламентот ќе постапува соодветно на насоките добиени од граѓаните“, порача Заев.