Заев најави „времено отстранување“ на Ременски


Фото: Б. Грданоски

Кога некое лице ќе биде осомничено, обвинето или слично тогаш ја применуваме мерката на санкции која значи времено отстранување на тоа лице за да ја докаже својата невиност. Вратите се отворени секогаш за секого, рече премиерот Зоран Заев, прашан дали ќе го исполни ветеното за исклучување од партијата на кој било член за кој ќе се утврди одговорност по неофицијалните објави во дел од медиумите за проширување на истрагата за „Рекет“ со функционер од власта.

– Секогаш стоиме на своите ставови. На доаѓање ја добив информацијата дека има соопштение или изјава кое, како што вие кажувате, се однесува на потпретседател на Собрание, рече Заев. Навреме, како што дополни, ќе ги соопштат ставовите откако ќе прочитаат и видат за што е осомничено лицето, дали е обвинето…

– Ако се бориме за владеење на правото и еднаков третман на сите, тоа треба да го испочитуваме, без разлика дали се однесува на сите нас како носители на одредени партиски или општествени функции – рече Заев. Нагласи дека како Влада принципиелно стојат на ставот за владеење на правото и правна држава.

– Ако сакаме да чекориме кон правна држава како што сите ја посакуваме, законот мора да важи еднакво за сите, никој да не се затскрива зад каква било партиска, општествена или друга функција. За да испратиме порака дека судиите и обвинителите треба да се водат од аргументите и доказите, постапките да се транспарентни и да се воспостави правен систем во кој граѓаните ќе веруваат како систем на вредности заснован на законите и Уставот – изјави премиерот Зоран Заев.

Изјавата на Заев доаѓа по информацијата дека доскорешната потпретседателка на СДСМ Фросина Ременски е меѓу новите осомничени во пропирената истрага за „Рекет“. Таа беше сменета од потпретседателското место за време на „метлата“ во СДСМ и потоа не беше вратена на функцијата, иако и сега е член на Извршниот одбор на партијата.

Ременски, исто така, е потпретседателка на парламентот, единствена од пратеничката група на СДСМ. Но таа во изминатиот период, откако беше избрана за потпретседателка на Собранието, таа ниту еднаш не водеше собраниска седница, туку улогата на „заменик“ на спикерот Талат Џафери единствено му е препуштена на Горан Мисовски од НСДП.