Заев најави укинување на седум министри без ресор


Лидерот на СДСМ вечерва од Шуто Оризари најави драстично намалување на бројот на министерствата во идната влада што ќе ја предводел тој.
„Сите седум министри без ресор, коишто дадоа резултат, но немаа свој капацитет заради инфраструктура, ќе ги укинеме како министерства без ресор, но ќе создадеме агенции, директорати за да работат уште повеќе“, рече Зоран Заев, со тоа најавувајќи една од поголемите трансформации на владината администрација.
Тој повторно зборуваше дека на ДУИ не ѝ се допаѓала отвореноста и транспарентноста и дека затоа ќе одела во опозиција по изборите.
„Има некои партии кои беа во владата и не им се допаѓаше таквата транспарентност, една од тие е ДУИ, е затоа таа партија ќе оди во опозиција. Затоа што немаме време да чекаме, мораме да бидеме целосно отчетни. Ќе има комплетна транспарентност за сите лични трошоци за секој министер. Еднаш на секои четири месеци ќе има отворен ден за граѓаните за да можат да дојдат и да го решат својот проблем“, рече Заев во Шуто Оризари.