Заев најави смени на осум министри, како и на дваесетина раководители на државни и јавни претпријатија

Претседателот на СДСМ и на Владата Зоран Заев денеска од Охрид истакна дека реконструкцијата на Владата ќе значи смени на осум министри, како и нови кадровски решенија за раководни функции на дваесетина државни и јавни претпријатија.

Заев пред јавноста појасни дека првичниот концепт за реконструкција на Владата, кој не исклучуваше можност за предвремени избори или враќање на мандатот, бил насочен кон државите–членки на ЕУ дека се должни да испорачаат датум за преговори.

–  Потребата од предвремени избори беше возможна ако треба на ЕУ да и докажеме дека треба да испорача до Република Северна Македонија, не кон некоја политичка партија. Ставот наш е дека треба да се тера цел мандат, кога доаѓа до реализација на стратешки определби како што е датум за преговори или членство во НАТО. Тогаш ги ставаме сите алатки на располагање…за да може земјата да продолжи покрај европскиот и по економскиот пат, рече тој.

Лидерот на СДСМ истакна дека нема да се дозволи повторно враќање на радикализмот, популизмот, национализмот во државата, повторни поделби во општеството, кавги со соседите.

–  Целта ја исполнивме и се враќаме кон реконструкцијата. Прво ќе има реконструкција на не повеќе од осум министерски позиции, изјави Заев уверувајќи дека до крајот на месецот ќе ги соопшти новите министри.

Тој рече дека ќе се заблагодари на директори повеќе од дваесет државни јавни институции, процес што ќе се одвива паралелно со реконструкцијата на Владата.

Инаку, лидерот на СДСМ рече дека промени ќе има и на раководни структури во власта и на кадри од другите партии, членки на владејачката коалиција.